Опсесивно-компулсивното нарушување е форма на анксиозност која погодува околу 1 процент од децата во САД, според Американската асоцијација за анксиозност и депресија. „Тоа значи дека во вообичаено основно училиште има неколку деца и дел од персоналот што го имаат ова нарушување“, вели Џери Бубрик, психолог, директор на Институтот за анксиозност и нарушувања во расположението кај децата во Њујорк. Оваа состојбо обично се јавува кај момчиња на возраст помеѓу 6 и 12 и девојчиња помеѓу 7 и 11 години.

Причини за опсесивно-компулсивно нарушување

Кај децата доаѓа до ова нарушување поради начинот на кој е поврзан нивниот мозок. Научниците веруваат дека причина за ова може да биде недостигот на невротрансмитери на серотонин. Како причина може да се издвои и генската компонента – доколку биолошкиот родител страдал од ова нарушување, постои веројатност од 4 до 8 отсто да се развие и кај детето. Ризикот може да се зголеми и доколку членот на семејството имал некое друго анксиозно нарушување, како социјална анксиозност или фобии.

Иако стресот не е предизвикувач на опсесивно-компулсивното нарушување, тој може да ги влоши симптомите. „Стресот и опсесивно-компулсивното нарушување се најдобри пријатели“, објаснува д-р Џери Бабрик. Колку повеќе е детето под стрес, дали поради тест на училиште или трауматично случување во семејството, полесно ќе се предаде на опсесијата и многу потешко ќе се бори со неа. Во поретки случаи ова нарушување се развива брзо и со послаби симптоми. Ваквата состојба може да биде предизвикана од инфекција на грлото, но и од некои други, на пример, лајмска болест и мононуклеоза.

Симптоми на опсесивно-компулсивно нарушување кај децата

На почетокот симптомите се повремени. „Родителите мислат дека децата ќе го надраснат тоа, но со текот на времето сфаќаат дека само се влошува“, истакнува д-р Бабрик. Децата обично чувствуваат симптоми најмалку еден час дневно, а може да биде и многу полошо. Како што кажува и самото име, нарушувањето се состои од две компоненти – опсесија и компулсивност.

Опсесијата опфаќа несакани мисли во детската глава кои предизвикуваат анксиозност и тага, објаснува д-р Бабрик. Детето може да верува дека тоа или некој негов близок може да биде повреден од страна на напаѓачот кој ќе упадне во домот ако прозорецот не е затворен, на пример. Може да дојде до голем страв дека ќе се разболи од различни бактерии.

Компулсивноста го опфаќа сето она што го прави детето за да се избори со опсесијата. „Тоа е како да ве каснал комарец, па почнува да ве чеша. Тогаш почнувате силно да се чешате и на момент изгледа многу подобро, но кога ќе престанете, станува уште полошо. Тогаш повторно почнувате да се чешате“, објаснува д-р Бабрик. Детето што се плаши од крадец кој ќе го повреди може постојано да проверува дали прозорците се добро затворени. Детето што се плаши од бактерии премногу често ги мие рацете.

Опсесијата и компулсивноста не се секогаш очигледно поврзани. Детето може да биде убедено дека некој близок ќе му почине доколку, на пример, не зачекори секојпат прво со десна нога. Други чести компулсивности (ритуали) вклучуваат допирање на некој објект или делови од телото. Морам да ја допрам ногата 4 пати, а ако некој ме прекине, морам од почеток – е само еден од таквите примери. Можеби ќе си умисли дека 4 пати мора да ја џвака храната на едната страна, а потоа на другата страна од устата. Постојат многу различни шаблони кои децата мора да ги извршат за да се чувствуваат подобро.

Децата може да се срамат од опсесивно-компулсивното нарушување, па да се обидуваат да го сокријат од другите. Доколку родителите забележат вакво однесување, а во еден момент сигурно ќе забележат, многу често од детето ќе добијат одговор – не знам што да правам. Тоа е навистина точно. „Детето навистина не знае зошто го прави ова, но тоа не значи дека подобро ќе се чувствува ако не го прави“, објаснува д-р Бабрик. На децата им е многу тешко едноставно да престанат со вакво однесување.

Како се третира опсесивно-компулсивното нарушување

Доколку мислите дека вашето дете го има ова нарушување, најдобро би било да се обратите на лекар, кој ќе направи сè што треба за да се постави дијагнозата. Во вакви случаи типично се применува когнитивно-бихевиорална терапија. За многу ретки случаи е потребна и друга терапија. Доколку некоја инфекција довела до тоа, може да бидат вклучени и антибиотици.

Во когнитивно-бихевиоралната терапија треба да биде вклучено целото семејство, кое заедно со детето мора да разбере што значи опсесивно-компулсивно нарушување и како да се третира. „Ги учиме децата како да им се спротивстават на своите стравови и како да ја контролираат својата анксиозност. Им даваме алатки и ги учиме на вештини кои може да ги применуваат цел живот“, истакнува психологот.

Клучната компонента на терапијата е изложеност на стравот и превенција. Д-р Бабрик го објаснува тоа: „Доколку скокнете во базен со поладна вода, останете во него малку подолго за телото да се навикне. Анксиозноста функционира на ист начин. Систематично, следејќи го темпото на детето, ние го изложуваме на стравови, без употреба на оние ритуали. По одреден период веќе нема да има потреба да ги прави своите ритуали“.

На пример, на детето што се плаши од бактерии можеме да му дадеме да допре некоја брава, а да не ги измие рацете потоа. Колку пати ќе го направи тоа, толку помалку ќе се плаши и ќе има помала потреба за почесто миење на рацете.

„По 5 до 10 терапии можеме да видиме напредок, а веќе по 12 до 15 можеме да видиме подобрување и од 80 отсто“, вели д-р Бабрик. Доколку симптомите повторно се појават во иднина, што може да се случи во стресен период, може да се примени ист начин на терапија. Не постои конкретен лек, но терапиите што се применуваат кај децата се многу ефикасни.

Извор



912

X