Рубриката Совети од стоматолозите е поддржана од „Лакалут“
Во современите услови на живеење децата сè повеќе се изложени на повреди на млечните заби. Најчесто повредите настануваат во периодот на проодување, повреди со тврди предмети, паѓање при играње, трчање и сл. Поради тоа, повредите на млечните заби почесто се застапени во периодот од 2 до 4-годишна возраст. Компликациите на забите од повреди се многубројни и чести: промена на бојата на забите и пулпна некроза, уништување на коренскиот канал, повлекување на гингивата и прерано губење на забите. Повредите настануваат на еден или на два заби, и тоа почесто во горна вилица.
Освен забите, се повредуваат и мукозната мембрана на усната, јазикот, непцето, а дури и вилицата. Промената на бојата на млечните заби е најчеста компликација при повреда на забите и знак за клиничка траума. Бојата постепено се менува, забот го губи сјајот и најчесто има сивкава боја. Во зависност од интензитетот на силата со која е предизвикана повредата, ќе зависи и компликацијата, а понатаму и самото лекување на забот.
Освен промена во бојата, често како компликација се појавува и луксација (разнишување ) на млечниот заб. Разнишаните млечни заби треба да се имобилизираат, и тоа кај деца од 2 до 4-годишна возраст, додека кај постарите тие се екстрахираат. Луксацијата на млечните заби може да биде со различен степен, па поради тоа, потребен е детален преглед во стоматолошка ординација и неопходна е РТГ-снимка за целосна анализа.
Друга компликација е екструзија на забот, тоа е делумно истиснување на забот од коскената чашка (алвеола). Повредениот заб е надвор од забната низа и е значително разнишан. Доколку има екструзија на млечниот заб, забот задолжително се вади, независно од возраста на детето.
Обратно од екструзија е интрузија, каде што во тој случај имаме делумно или целосно втиснување на млечниот заб. Во тој случај може да се повреди и круната на трајниот заб, па поради тоа се екстрахира млечниот заб. При интрузија на млечните заби тие со тек на време природно се враќаат во алвеолата.
Најкомплицирани повреди се оние што можат да предизвикаат оштетување на трајните заби. Самата траума не е само физичка, туку и психичка, и за детето и за родителите. Затоа, многу е важен соодветниот пристап и третман на стоматологот во ваква ситуација. Сепак, многу повреди на млечните заби бараат само следење на состојбата со редовни стоматолошки прегледи, а со тоа ќе се спречат какви било несакани ефекти и компликации.
912