Дали треба да се платат и како треба да се пресметуваат сумите, прашавме во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и во повеќе општини
Дали и колку треба да платат родителите за градинка за периодот кога овие установи не работат поради вонредните мерки за заштита од коронавирусот? Информациите што ги добиваат од градинките целосно ги збунуваат родителите. Очигледно различни градинки и општини различно ја определуваат цената за овој период. Дел од градинките ги информирале родителите за тоа колку треба да платат. Така за децата што редовно оделе до 11 март, до кога работеа овие установи, сметките се различни. Дали треба да се платат и како треба да се пресметуваат сумите, прашавме во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и во повеќе општини.
Исто така, родителите се прашуваат и дали ќе треба да се плати за дополнителните активности за кои се согласиле децата да присуствуваат, како странски јазик и физичко воспитување, а не се одржаа во овој период.
Различни градинки – различни суми
Родителите споделуваат за различните суми за кои добиле информација.
– Воспитувачката нè информира дека стасала уплатницата за април, која е всушност определена сума за престојот во претходниот месец, и дека изнесува 786 денари. Ние живееме во Општина Кисела Вода и детето одеше редовно додека работеа градинките – вели мајка.
Родители на деца што одат во градинка во Центар вели дека ги информирале дека сметката за април е 1.050 денари, во друга градинка 820 денари, а во трета – 521 денар. Родители во Драчево биле известени за сума од 874 денари, во Гази Баба – 521 денар. Некои градинки сумите ги објавиле и на нивните страници на „Фејсбук“, а различни информации добиваат и родители од општини во внатрешноста на земјата.
МТСП упатува на општините
За тоа дали и колку треба да платат родителите за градинка, од Министерството за труд и социјална политика нè упатија да се обратиме до општините како основачи, како и во детските градинки. Оттаму објаснуваат дека цените на услугите што ги дава јавната установа, односно надоместокот на трошоците за престој на деца што паѓа на товар на родителите го утврдува Советот на основачот, на предлог на Управниот одбор на јавната установа за деца. Тоа значи дека цената на услугата ја утврдува Општината, која е основач на детската градинка и се однесува на материјалните трошоци и трошоците за исхрана на децата.
– Основа за уплата на родителите е цената на програмата во која е вклучено детето.
Додека, согласно Правилникот за утврдување на цените и услугите што ги дава јавната установа за деца – детска градинка и износот на надоместокот за трошоците за престој во установа за деца, што паѓа на товар на родителите, се утврдува месечниот износ на цените на услугите што ги дава детска градинка и износот на надоместокот за трошоците за престој што паѓа на товар на родителите, чии деца ги користат нивните услуги. Јавната установа за деца – детска градинка може да определи и износ понизок од надоместокот утврден во претходно наведениот Правилник (1.490 денари за програма за целодневен престој), доколку со тој износ ја обезбеди храната на децата по утврдените стандарди и нормативи – објаснуваат од МТСП.
Оттаму објаснуваат и дека има и Правилник согласно кој се укажува дека при наплата на надоместокот што паѓа на товар на родителот кога детето отсуствува, потребно е градинките да се придржуваат кон следното: за деновите на најавено и оправдано отсуство на детето, наплатата треба да се врши така што за првите пет работни дена отсуство корисникот на услугата – родителот треба да го плати целиот износ за престој, а за секој нареден ден најавено и оправдано отсуство треба да плаќа по 23 денари на име на материјални трошоци, имајќи ги предвид месечните – неделните планирања што се прават во детските градинки во врска со исхраната и материјалните трошоци.
Различна политика
Одговори на прашањата за сумите што треба да се платат добивме од неколку општини. Така, во сите општини не се размислува и постапува еднакво, а некои велат дека не донеле одлуки за сумите иако родителите добиле информации колкави се тие.
Од Општина Карпош велат дека очекуваат официјална одлука од Министерството за труд и социјална политика околу овие прашања.
– Секако, истото ќе важи за сите градинки во целата држава, но официјалниот одговор ќе го имаме откако Министерството ќе излезе со конечен став. Активностите на децата што оделе на физичко, странски јазик и така натаму нема да бидат дополнително платени за периодот кога не се посетува градинка – велат од Општина Карпош.
Од Општина Битола велат дека за март во сите градинки, за да им се излезе во пресрет на родителите, испратени се уплатници со минимална сума за режиски трошоци од 521 денар. Редовните режиски трошоци изнесуваат 830 денари.
– За дополнително изучување на јазик и физичко воспитување не се наплаќа. За април сè уште не се испратени уплатници до родителите – велат од Општина Битола.
Општина Центар во моментов очекува предлози од управните одбори на градинките кои се наоѓаат на нејзина територија.
– По собирањето на предлозите од градинките, Советот на Општина Центар ќе донесе конечна одлука за сметките за градинка, која ќе биде во согласност со Правилникот за утврдување на цените. Оттука, за сумата дополнително ќе информираме, откако Советот ќе се изјасни и ќе донесе одлука за утврдување на цените – велат од Општината.
Од Општина Ѓорче Петров велат дека планот им е штом ќе има најава за почеток на работа на градинките, да биде свикан Управниот одбор кој ќе ги разгледа сите опции во интерес на родителите и ќе му ги предложи на Советот на Општината за гласање, но се разгледува можноста и порано да се одржи онлајн-состанок. Родителите ќе бидат навремено известени.
Од Општина Бутел информираат дека поради вонредните услови, детските градинки на оваа територија не издаваат уплатници, а тие ќе им бидат дадени на родителите кога градинките ќе почнат со работа.
– Износот за овој период ќе биде 512 денари месечно. Физичко и јазиците не се наплатуваат дополнително во нашите градинки бидејќи се во рамките на редовната работа на градинките – велат оттаму.
Од Општина Аеродром, пак, нè упатија во МТСП.
Според податоците на Државниот завод за статистика, објавени на крајот на февруари годинава, во 2019 година (состојба на 30 септември) вкупниот број деца во установите за згрижување и воспитание на деца − детски градинки/центри за ран детски развој изнесува 38.094, што претставува зголемување за 1,3 % во однос на 2018 година.
912