Од МТСП велат дека ќе се води сметка и за фактот дека децата не смеат да останат незгрижени

Со олабавувањето на вонредните мерки за заштита од коронавирусот сè повеќе родители добиваат најави дека наскоро ќе треба да почнат со работа, или да продолжат со работа на работните места наместо од дома. Голем дел од нив се прашуваат кој ќе им ги чува децата и дали ќе се отворат градинките.
Некои од оние што работат во приватниот сектор стравуваат дали работодавците ќе имаат толеранција да отсуствуваат со потврда дека мора да го чуваат детето, а има услови фирмата да работи.

– Јас имам родители и моите деца практично ќе треба да ги чуваат баба и дедо ако продолжам на работа, а градинките не работат. Но нели така моите родители се изложени на поголем ризик? Во нашата фирма нема многу вработени, свесна сум дека сум неопходна за работниот процес да тече непречено. Ако, пак, се отворат градинките, како би работеле за децата да не се под ризик да се заразат. Искрено, многу сме збунети – вели Сузе од Скопје, мајка на две дечиња што одат во градинка.

Од МТСП не добивме одговор за тоа дали се подготвува стратегија како би работеле градинките доколку се отворат. Оттаму објаснуваат дека за продолжување на воспитно-образовниот процес во нив препораката ќе ја даде Комисијата за заразни болести, водејќи сметка пред сè за здравјето на децата и на вработените, а одлуката ќе ја донесе Владата.

Притоа, ќе се води сметка и за фактот дека децата не смеат да останат незгрижени.

– За вработените лица во институции и фирми што имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение за кое е неопходна домашна грижа, еден родител е ослободен од работа и работни активности и отсуството за време на овој период се евидентира како оправдано од работодавецот. Истото важи и за самохраните родители. Периодот на платено отсуство од работа поради нега и одгледување новородено и посвоено дете е продолжен до истекот на траење на времените мерки. Со уредба со законска сила на Законот за работни односи, отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од Ковид-19 – потенцираат од МТСП.



912

X