Како нивните ученици поминуваат дел од времето дома, ни кажаа наставничката Мица Митева од Кавадарци и наставникот Гоце Бумбароски од Прилеп

Да се учат практични работи, но и да се ужива во тоа, а потоа и да се зачини со дружење – за време на изолација поради коронавирусот преку телефон или интернет. Наставници ги мотивираат учениците на учење животни вештини во домовите, но тоа да се прави со задоволство.

Како нивните ученици поминуваат дел од времето дома ни кажаа наставничката Мица Митева од Кавадарци и наставникот Гоце Бумбароски од Прилеп.

Митева е одделенската наставничка во Основното училиште „Димката Ангелов Габерот“ во Кавадарци и верува дека децата полесно учат низ игра, кога наставата е интересна, низ дружење. Редовно организира дружења во природа, во некој голем двор, со родителите во некој дом, додека се сечка, меси, пече…, а притоа се учи и предвиденото градиво, но и другарството, почитта, дружењето, се развива креативноста, па се прават нови игри и активности. Но сега тоа не е возможно во живо.

Митева вели дека никој, а најмалку учениците, не ја посакуваше состојбата во која сега се наоѓаме.

– Но следејќи ги препораките од Министерството за образование, ние седиме дома и ги изведуваме дадените задачи. Наставата ја изведуваме преку „Зум“, „Едоино“, „Месинџер“, учиме и ги извршуваме дадените задачи. Но во слободното време извршуваме и други воннаставни активности. Во соработка со родителите, кои ми дадоа голема поддршка, реализиравме и некои стари заборавени активности кои на учениците им беа интересни. Родителите им направија „примитивен разбој“ и учениците ткаеја на него. Изработија прекрасни ткаенини – вели таа.

Учениците редовно праќаат снимки и фотографии и за тоа како помагаат во домашните обврски, учат да готват, уживаат во уметноста…

М-р Бумбароски, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, вели дека бил пријатно изненаден од оригиналноста на своите ученици. Во наставата тој голем акцент им дава на животните вештини и на животните вредности.

– Цело време се жалиме, меѓу другото и за образованието на нашите деца. Дека во Финска, Данска, Норвешка освен вообичаената настава децата се учат и на практични работи – но и како да развијат пријателство со родителите. Или како што некој би дофрлил, да бидат послушни и да ги почитуваат или на прилепски „ризаат“ постарите – вели наставникот.

Вистинска е потребата нашето образование да ги подготви сите ученици за работа, за придонес кон заедничкото добро и за активно граѓанство, додава тој.

– Како магистер по менаџмент во образованието, токму тоа се трудам да го применам кај нас, во нашата Македонија. Еве како моите ученици, првоодделенци го поминуваат времето во карантин, и што всушност прават. Ми го исполнија срцето – вели Бумбароски.



912

X