Здравје

Децата да одат боси! Важно е

Повеќе пати научно е докажано дека одењето без чевли создава сила во потколениците и им овозможува на децата подобра перцепција за движење низ просторот, што придонесува за развој на самодовербата. Малите деца се поснаодливи во спортот, полесно одржуваат рамнотежа, успешно се качуваат, чекорите им се усогласени. Босоногото одење по различни површини и текстури многу позитивно влијае врз развојот на нервниот систем и го подобрува оптималниот развој на мозокот. Одењето по различни подлоги придонесува за изградба на нови невролошки патишта во мозокот. Со облекувањето чевли ја намалуваме можноста детскиот мозок да се развива на правилен начин.

Некои родители ги пуштаат своите деца да одат боси и така правилно влијаат врз развојот на детскиот мозок. Децата што се така навикнати од малечки обично облекуваат чорапи дури во текот на зимата, а дотогаш одат боси.

Но, денес, децата толку долго време поминуваат во чевли и не одат боси, што сме заборавиле дека стапалата имаат многу важна улога за развојот.

Педијатрите советуваат да не им се облекуваат чевли на децата пред да бидат целосно спремни за одење, а дотогаш да одат боси. Подоцна, како што расте детето, родителите се грижат да не се извалка или да не добие некоја бактерија, па не му дозволуваат да оди босо и така прават голема грешка. Некои мислат дека децата ќе настинат ако одат боси. Нашата кожа на табаните е подебела отколку на другите делови од телото и затоа заштитата на табаните е подобра.
Многу е поверојатно дека би се разболеле од допир со валкани раце отколку преку подот.

Присутна е и загриженоста од повреди, која секако постои, но добро е да се пуштат децата да одат боси на плажа, по трева, по песок… И секогаш да ги научите да гледаат каде одат. На стапалата треба да им се дозволи природно да се развиваат. Чевлите го намалуваат обемот на движење на стапалата и можат негативно да влијаат врз одот, рамнотежата, сензорниот развој и проприоцепцијата (ориентација на нашето тело во просторот околу нас).

Дозволете им на вашите деца да одат боси. Нека ги соблечат чорапите кога шетаат низ домот. Организирајте натпревар – кој повеќе време ќе помине бос – и научете ги да уживаат во слободата што им ја давате.

Постојат видеоснимки што го преплавија интернетот од деца во некои градинки во Европа кои играат така што боси поминуваат низ кади наполнети со различни состојки, течности и текстури (лисја, сапуница, вода, песок, камења…). Ваквите игри може да го поттикнат развојот на емоциите кај децата, развојот на сетилата, да ја зајакнат способноста за чувство и да помогнат ако детето има рамни табани. Им создаваат подобра способност за запазување, помагаат со рамнотежата и детскиот развој.

Драги родители, сетете се колку сакавте да одите боси кога бевте мали, па пуштете ги и вашите деца, кога имате можност, да одат боси.

Автор: Милена Николиќ, педијатар

Извор

Поврзани написи

To top