Во овој период на изолација современото нуклеусно семејство станува одлучувачка институција во приспособувањето на сите членови кон актуелната ситуација
Ковид-19 предизвика многу подлабоки промени во секојдневието и во нашите животи од едноставното седење дома и држењето физичка дистанца со останатиот дел од светот. Животот забави, семејствата повторно поминуваат многу време заедно. Од една страна, ги зајакна семејните врски, а од друга, го зголеми процентот на семејното насилство. Што ни донесе вонредната ситуација од социолошки аспект, разговараме со проф. д-р Марија Дракуловска-Чукалевска од Институтот за социологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Проф. д-р Марија Дракуловска-Чукалевска
– Изложеноста на општеството на новиот социо-културен контекст доведе до прифаќање на доминантни обрасци на однесување што нè води кон реформулирање на нашето разбирање на животот во современиот глобален свет. Многубројни се причините за оваа реорганизација на нашите животи, како и ширењето на „свеста за ризикот“ која се јавува како резултат на процесите на глобализацијата – објаснува Дракуловска-Чукалевска.
Таа го цитира Ентони Гиденс, кој забележува како глобализацијата нè соочува со нови облици на ризици (надворешни и произведени), кои се разликуваат од оние што некогаш постоеле. Тие, пред сè, биле со утврдени причини и познати последици, додека, пак, на сегашните облици на ризици за светот и неговите опасности не може да им се одреди потеклото, ниту да им се согледаат ефектите.
Забави темпото на живот
– Денес, тие ризици се присутни во сите сегменти од социјалниот живот, поточно, човештвото се соочува со ризиците и опасностите од Ковид-19. Глобалниот вирус нè чува во нашите домови – можеби со месеци менувајќи го нашиот однос кон надворешниот свет, ја редуцира географската дистанца и социјалната мобилност на поединците, при што се потенцира на значењето и улогата на семејството, особено на генерирањето на вредностите. Во овој период на изолација современото нуклеусно семејство станува одлучувачка институција во приспособувањето на сите членови кон актуелната ситуација, во усвојувањето нови обрасци на однесување и семејните вредности како средство за комуникација во семејната средина. Во тој поглед, акцентот е ставен на јакнењето на заедништвото во семејството, на заемното почитување и помагање, на чувството за сигурност, на лојалноста, искрената и отворената комуникација кои се емоционално обоени. На тој начин се трансмитираат семејните вредности што се пренесувани од генерација на генерација исклучиво преку директните контакти како симболи на континуитет. Впрочем, актуелната ситуација е и можност за креативност и имагинација преку кои се мотивираат нашите постапки – вели Дракуловска-Чукалевска.
Досегашното брзо темпо на живеење подразбираше работно време до доцна попладне, постојано присуство на социјалните мрежи, ретко се наоѓаше време за семеен ручек, за друштвени игри со најблиските. Нешта што не многу одамна беа секојдневие во нашето општество. Како современиот начин на живот почна да се одразува врз семејството, особено врз малите деца кои буквално грабаат мигови да поминат со родителите?
Да извлечеме суштинска поука
Според Дракуловска-Чукалевска, современиот и брзиот начин на живот силно се одразува врз семејството и децата.
– Многу социолошки истражувања покажуваат дека изразените тенденции кон индивидуализација, кариера и ритуализација на животот кај возрасните – родителите може да ја ослабнат врската родители-деца. Семејството се претвори во институција на конфликти и дистанца. Од една страна, тоа е одраз на изложеноста на децата на агенсите на социјализација надвор од семејството и прифаќање на нивните модели на однесување и вредности. Од друга страна, пак, интензивното користење на социјалните медиуми од страна на родителите во домот се рефлектира врз нивниот живот, особено врз нивниот однос со децата – вели таа.
Кризата со коронавирусот донесе уште еден евидентен факт во нашето општество –
пораст на семејното насилство. Дракуловска-Чукалевска вели дека овој податок покажува дека поединците во услови на глобални ризици и опасности, како што е коронавирусот, се под силен емоционален и општествен притисок.
– Забележано е дека сферата на вредностите е длабоко погодена, особено кај поединците се идентификува изразена дезорганизација, несигурност, страв, анксиозност, нетрпеливост и многу други ефекти што се широко распространети. Доколку не се разрешат, ќе се манифестираат врз целокупниот социо-културен живот на поединците и групите во општеството. Како резултат на овие ефекти, намалувањето на семејното насилство може да се оствари, пред сè, со информирање и сензибилизација на јавноста, јакнење на јавните политики, силна институционалната поддршка, како и податоци од научни истражувања од различни научни дисциплини – вели таа.
Сепак, од пандемијата современиот човек може да извлече суштинска поука – да се постигне соочување со сопствената иднина, која е многу поотворена од минатото со сите можности и опасности што ги носи.
– Потребно е да почнеме општествен дијалог со светот во целина, вклучувајќи го и светот на вирусите, преку еден нов интердисциплинарен пристап кој ќе биде предизвик и за новите генерации – вели Дракуловска-Чукалевска.
912