Секој родител сака неговите деца да бидат успешни и среќни кога ќе пораснат. Родителите имаат огромно влијание врз способноста на децата да постигнат успех, па многу нивни однесувања може да влијаат врз кариерата на нивните деца.
Затоа, обидете се да не ги правите овие работи пред нив:
1. Не жалете се за вашата работа
Кога се жалите, на вашето дете му покажувате дека работата е нешто лошо и ве прави несреќни. Секако, жалењето од работата е дел од животот, но ако континуирано ја изразувате вашата фрустрација, ќе му испратите порака дека работата е неопходно зло што мора да биде толерирано, а не нешто во кое може да се ужива. Нагласете ја возбудливоста што ја носат наградите и предизвиците на работа. Доколку не го промените начинот на кој размислувате за работата, немојте да бидете изненадени ако вашето дете се жали за домашните задачи или за едноставните задолженија. Возрасните треба да пронајдат место каде што ќе се ослободуваат од стресот и фрустрацијата. Клучната разлика помеѓу децата и возрасните е во тоа што децата дејствуваат (преку однесувањето и физички) кога имаат фрустрации и стрес, затоа возрасните треба да знаат како да ги балансираат своите чувства на соодветен начин.
2. Не решавајте ги проблемите на вашите деца
Решавањето на проблемите е една од најбараните вештини на пазарот на трудот за денешните работни места. Автоматизацијата ги одзема работните места каде што не е потребно аналитичко мислење. Решавањето на проблемите е како и повеќето вештини – станувате подобри само преку практика. Можеби ви е тешко кога гледате како вашето дете се бори со проблемите. Меѓутоа, од суштинско значење за среќата и успехот на децата е да им понудите стратегии што ќе им помогнат за решавање проблеми. Родителите и наставниците имаат витална улога во поддршката на способноста да се реши проблемот, преку градење и негување на она што го нарекуваме извршни функционални вештини: збир на ментални вештини што му помагаат на детето да ги извршува работите. Тие вклучуваат контрола на импулсивноста, организација, флексибилност, фокус, планирање, самосвест, управување со времето и работна меморија.
3. Не избирајте секогаш безбедно наместо ризично
Секако, сакате вашите деца да бидат безбедни. Треба да погледнат на двете страни кога ја преминуваат улицата. Треба да знаат како да се заштитат во случај на опасност. Меѓутоа, постојат и околности каде што преземањето ризик може да биде корисно. Одлуката за исполнување тешка задача, без гаранција за успех, помага да се создаде издржлив карактер и самоуверена личност.
4. Оставате ги децата да истражуваат
Децата се љубопитни и неверојатно имагинативни. Тие сакаат да истражуваат различни работи. Ако се фокусирате само на првата страст на вашето дете, тоа може да го спречи да бара други интереси и да научи нови работи. Дајте му време да експериментира и да проба нови искуства, тоа ќе му помогне да ја прошири својата перспектива и да ги идентификува своите страсти.
5. Децата треба да ја научат разликата помеѓу просечно, исклучително и извонредно
Денес децата често добиваат награда за нешто што е просечно. Извршувањето на задачата треба да се признае, но не треба да му посочите на детето дека било исклучително добро, доколку не е така. Децата треба да ја научат разликата помеѓу просечно, исклучително и извонредно.
Се чини дека живееме во свет каде што секое дете е „посебно“. Но тоа е погрешна гледна точка: ако секој е посебен, тогаш никој не е посебен.
6. Немојте да правите сè да им изгледа лесно
Во животот работите не се секогаш лесни и тоа е факт што децата треба да го знаат доколку родителите сакаат тие да научат да се борат. Долгорочно, издржливоста ја обезбедува најголемата награда и може да се развива само преку одложено задоволување и работење во тешки ситуации.
7. Немојте премногу да ги притискате
Иако е важно вашите деца да бидат издржливи, немојте да претерате. Секако дека сакате да ги насочите кон правилниот пат и сакате да бидат одлични на училиште, меѓутоа, барањето петки по секој предмет може да им предизвика стрес.