Факт е дека денес децата се преплавени со разноразни играчки. Родителите знаат да кажат: „Залудно ја купив играчката, детето не си игра со неа, туку си наоѓа свој замислен начин на игра“. Денес бебињата ги имаат сите видови тропки и глодалки во најразлични бои и повторно долготрајно не го задржуваат вниманието на нив, но затоа пак ако им дадете кеса, лист хартија, салфета или пластично кутивче, чашка, ќе ги допираат долго и нема да им станат здодевни.

Забележувам дека децата од најрана возраст ги имаат сите ликови од цртаните филмови, диносауруси, најубави кукли, па кога ќе влезете во детска соба кај денешно дете, мислите игротеката од соседството се преселила во неа. За таа цел, сакам да ве поттикнам и инспирирам да трошите помалку пари, а повеќе време, па на тој начин долгорочно ќе вложите во развојот на вашето дете.

Во продолжение ви предлагам активности што јас ги користам, а директно влијаат врз развојот на детето во најрана возраст: во развојот на когнитивните вештини и способности на вашето дете, како работната и долгорочна меморија, одржливо и селективно внимание, логика и размислување, визуелна и аудитивна обработка, како и трпение и поголем праг на толеранција кон фрустрација.

1. Со дрвени стапчиња направете сложувалка елка или каква било друга форма.

2. Најдете две проѕирни теглички или чашки, едната наполнете ја со меки топчиња и од детето барајте со помош на пинцета да ги префрла во другата додека не ја испразни.

3. Земете иглички и ластичиња и барајте од детето да прави разни форми, букви, броеви и слично, аплицирајќи ги на едно стиропорно рамно парче.

4. Користете кутија во која ќе наредите дрвени стапчиња и барајте од детето на нив да протнува и да ниже некаква врвка или панделка.

5. Направете кутија со геометриски или какви било форми во боја кои имаат простор за да пикнете ливчиња со разни форми во боја или предмети на соодветното место.

6. Исечете коцки од картон и со помош на самолеплива хартија направете различни форми, па барајте од детето да ги спојува така што ќе направи цела фигура.

7. Земете картон или нешто слично на кое ќе изработите мали дупчиња, а потоа од детето да побарате да ги вметнува врвките или стапчињата низ нив.

8. Доколку немате дома, набавете ги во продавница за алат – големи шрафови со навртки и играјте заврти-одврти, можете да го мерите и времето на извршување на оваа активност, па да си го создавате сопственото рекордно време.

9. Земете платно и многу мали штипки. Барајте од детето да ги закачува на платното.

10. Земете неколку балони и наполнете ги со ориз, пченка и брашно. Барајте од детето да ги стиска, масирајќи си ги рацете. Ваквата тактилна активност влијае и антистресогено кај детето, релаксирајќи го по сензорен пат.

*Надгледувајте го детето кога играте со ситни делови.

Ви посакувам убаво и креативно време поминато со вашето дете.

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог во Здружението „Хармоничен свет“



912

X