Германските родители сега мора да докажуваат дека нивните деца се вакцинирани против морбили пред да бидат примени во училиште – тоа го овозможува новиот закон во земјата. Легислативата бара децата да имаат документ со кој се докажува дека се вакцинирани – во спротивно градинките и училиштата ќе треба да ги информираат локалните здравствени власти.

– Се обидувавме со години да достигнеме повисока стапка на вакцинација без воведување закони, но тоа не помогна, па ова е последниот чекор. Засега не можеме да гарантираме дека ова ќе ја подобри стапката, но тоа ќе го видиме во следните две или три години – истакнува педијатарот Јакоб Маске од Берлин.

Колку се опасни морбилите за бремените жени?

Бројот на заразени случаи во Германија не е загрижувачки во моментот, но каква било епидемија на морбили може да доведе и до смртни случаи, истакнува Маске. Морбилите се исклучително заразни и потенцијално смртоносни кај малите деца. На годишно ниво бројот на смртни случаи од болеста изнесува 140 илјади, примарно во развиените земји, според податоците на Светската здравствена организација.

Изминатите години се согледа дека болеста сè уште е присутна, иако се сметаше дека е елиминирана, но често тоа е резултат на невакцинираните деца, чии родители го покренаа антиваксерското движење. Со новиот закон родителите ќе се соочат со казни до 2.500 евра ако нивните деца не се вакцинирани, додека постарите деца што веќе се дел од образовниот систем ќе имаат рок до 31 јули 2021 година да обезбедат доказ за извршена имунизација. Барањето за вакцинација се однесува и на вработените во државните институции, на пример, болниците, училиштата, згрижувачките центри и мигрантските центри.

Германскиот парламент го одобри законот во ноември по месеци дебатирање, со поддршка на конзервативната Христијанска демократска унија, Социјално-демократската партија и либералната Слободна демократска партија.

– Морбилите често пати се потценети. Тоа е многу заразна болест која може да има фатални последици. Најмногу ги погодува оние што не можат да се заштитат себеси – децата – истакнал министерот за здравство Јенс Спан.

На барем 95 отсто од индивидуите треба да им се дадат две дози од комбинираната вакцина за морбили, рубеола и заушки за да се обезбеди целосна заштита на заедницата и да се превенира во случај на епидемии, според препораките на СЗО. Сепак, извештај објавен минатата година од Институтот „Роберт Кох“ – федерална агенција за превенција при заразни болести од Германија, открива дека само 93 проценти од децата тргнуваат во училиште вакцинирани.

Бројот на случаи во Германија во последните години е во пораст. Германија бележи 500 случаи со морбили меѓу јануари и октомври минатата година, што е пораст за истиот период во 2018. Новиот закон е контроверзен, а политичарите, родителите и лекарите го преиспитуваат нивото на потребната бирократија. Германскиот совет за етика – независен совет на експерти со пристап до јавната политика – приговара дека законот е неоправдан. Препорачуваат помалку драстични мерки за да се достигне целта од 95 проценти покриеност со имунизација, а истакнуваат и дека социјално загрозените семејства најмногу ќе страдаат од мерката.

Некои родители веќе почнале со легални процеси во Германскиот уставен суд, тврдејќи дека новиот закон го прекршува физичкиот интегритет на нивните деца и нивното право да ги одгледуваат децата како што самите ќе изберат. Се очекуваат критики и реакции и од други родители и групи.

16 европски земји веќе имаа епидемија со морбили, според СЗО. Повеќе од 100 илјади случаи беа регистрирани во Европа помеѓу јануари и октомври 2019 година, што е значителен пораст од 2018 година, како и за тројно поголем број случаи во споредба со 2017 година. Задолжителните вакцинации за морбили веќе се применуваат во неколку европски земји, како Франција, Италија, Полска, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Латвија, Словачка и Словенија. Други земји воведуваат слични мерки, на пример, во Велика Британија, каде што секретарот за здравство Мет Хенкок истакнал дека многу сериозно ги разгледува задолжителните мерки.

Автор: Руаири Кејси



912

X