Полова зрелост. Тоа не е само одредено ниво на хормони во организмот и промените што тие ги предизвикуваат, туку и одредено ниво на интелектуално-емоционална-социјална зрелост, вели Мирјана Јовановска-Стојановска, дипломиран психолог и психотерапевт
Расправии, солзи, обвинувања дека не ја разбирате. Вашата ќерка се повлекува во себе или спротивно, станува бунтовна и не можете со неа да излезете на крај. Ангажирате блиски роднини, пријатели со кои ѝ оди муабетот и како таен агент се обидувате да дознаете како се чувствува. Пубертет. Специфична возраст кај секое дете. Кои се првите симптоми кај девојчињата, дали физичкиот пубертет се одвива паралелно со емотивното созревање. За сиве овие прашања разговараме со Мирјана Јовановска-Стојановска, психолог и психотерапевт.
Кога девојчињата во Македонија влегуваат во оваа фаза и приближно до кога трае?
– Точно не можам да одговарам кога девојчињата во Македонија влегуваат во пубертет затоа што немам информации дека е направено некое истражување од ваков вид. Но, можам да зборувам општо за она што се зборува за повеќето земји што спаѓаат во западната цивилизација, од кои најголем дел се во Европа. Пубертетот почнува сè порано, од 9 или 10 години, ако почнувањето на менструалниот циклус се смета како официјален влез во пубертетот кај девојчињата. Инаку, првичните знаци за промени во телото кои настануваат поради почнување на хормонската функција на некои жлезди со внатрешно лачење се појавуваат на 7-8 години.
Дали достигнувањето полова зрелост се случува истовремено и со емотивното созревање?
– Би било добро прво да се дефинира што се подразбира под полова зрелост. Тоа не е само одредено ниво на хормони во организмот и промените што тие ги предизвикуваат, туку и одредено ниво на интелектуално-емоционална-социјална зрелост. Одредено ниво на преземање одговорност за својот живот, за своите постапки и високо ниво на способност да се справат со последиците на изборите и постапките.
Што покажуваат бројките? Дали во последните две децении девојчињата порано влегуваат во пубертет и на што се должи тоа?
– Да, дефинитивно, девојчињата сè порано влегуваат во пубертет. За тоа во голем дел е одговорна храната, која содржи високо ниво на хормони и најразлични додатоци кои влијаат врз телото што расте и го менуваат.
Кои се основните знаци на девојче што веќе е влезено во пубертет? Како се манифестира во однесувањето на детето?
– Пубертетот донесува телесни промени: внатрешни и надворешни. Внатрешни се промените во органите и начините на нивно функционирање, а надворешни се промените во изгледот, растење влакна, гради, заоблување на телото. Исто така, пубертетот е период на поминување низ интензивни развојни фази на интелигенцијата и на личноста. Девојчињата одеднаш престануваат да бидат мамини и татини принцези и се обидуваат да го запознаат животот надвор од сигурната зона на домот и родителската грижа. Се бараат себеси, си поставуваат прашања за светот околу нив и ги бараат одговорите, но повеќе не од своите родители, туку од интернет, другарите и од книгите. Тоа е период на длабоки превирања во личноста што се гради, поткрепена со интензивно созревање на нервниот систем.
912