Рубриката Совети од стоматолозите е поддржана од „Лакалут“
Во текот на бременоста најмалку двапати треба да се посети стоматолог
Бременоста (graviditas) е физиолошка состојба на жената. Многу е важно во текот на бременоста жената да се грижи за оралната хигиена и со тоа да се спречат сите несакани компликации и последици во однос на забите, за да се зачува оралното здравје.
Зошто настануваат проблеми со забите во текот на бременоста?
Погрешно е мислењето дека за време на бременоста забите страдаат од недостиг на калциум. Доколку настане дефицит, тој се надополнува од коските на мајката, а не од забите. За време на бременоста настанува хормонален дисбаланс (на естерогенот и протестеронот) и тоа е една од причините поради кои страдаат забите и перодонтот (потпорниот систем на забите).
Исто така, жените стануваат почувствителни на бактериски инфекции. Многу е важно да се внимава на степенот на оралната хигиена бидејќи може да се случи вертикално пренесување на бактериите (од мајката на плодот).
Најчести стоматолошки проблеми со кои се соочуваат жените во бременоста
Гингивитот (воспаление на гингивата) или т.н. гравидарен гингивит е најчеста состојба со која се соочува жената во бременоста. Ќе се препознае по тоа што гингивата станува изразено црвена, отечена и лесно крвави. Сето тоа се должи на хормоналните промени во текот на бременоста.
Доколку не се третира воспалението на непцето, односно гингивитот, може да се развие во пародонтит (парадентоза).
За разлика од претходната состојба, која е инфламаторен реверзибилен процес, парадентозата е деструктивна болест. Формирањето на парадонтален џеб предизвикува деструкција на потпорното ткиво, забен цемент и алвеоларна коска и настапува разнишување и паѓање на забите. Оваа болест е сериозна и може да влијае врз плодот. Сите овие промени имаат и наследна генеза и се повеќе изразени кај жени што пушат цигари, консумираат алкохол или наркотици и кај жени што не се грижеле за оралното здравје и не посетувале редовно стоматолог.
Кога се во прашање стоматолошките услуги, треба да се напомене дека кај бремените жени мора да се санираат кариозните лезии и секако оралната хигиена да е на повисоко ниво.
Утрински мачнини
Во првото тримесечје се случува да е интензивирано гадењето, како и мачнините проследени со повраќање. Од таа причина, поради pH-вредноста на желудочната киселина, која може да ја оштети глеѓта на забот, се препорачува да не се четкаат забите непосредно по повраќањето. Пожелно е устата да се исплакне со вода и четкањето да се одложи за еден час. Поради интензивирано гадење, треба да се користи мала четка.
Ненаивна состојба
Поради пародонталната болест, може да дојде до предвремено раѓање или плодот да се роди со намалена тежина. Затоа е важно да се посети стоматолог навреме и да се преземат потребните третмани за да се спречи појавата на парадентоза. Освен тоа, воспалението на меките ткива во оралната празнина може да се прошири и во другите делови на организмот и со тоа да предизвика компликации и тешкотии во бременоста.
Оралната хигиена и редовната контрола на забите можат да го намалат ризикот од појава на гингивит и парадонтит.
Треба да се посети стоматолог најмалку двапати во текот на бременоста. И, се разбира, секогаш стоматологот треба да биде известен за бременоста.
912