Коледарчињата запеаја пред портите и, како што објаснуваат свештениците, го најавуваат Божиќ, празникот на спасението
Пеејќи песни, децата-коледарчиња утрово ги посетуваат домовите на православните верници. Домаќините ги отвораат вратите и им даваат различни подароци на децата – парички, слатки, јаболка, ореви, мандарини… Денес се организираат и бадниковите поворки со деца.
Вечер е Бадник, а тој го најавува Божиќ. На Бадник семејството се собира и се подготвува за прослава на еден од најрадосните христијански празници – Божиќ. Негова одлика се љубовта и едноставноста. Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста.
Отец Оливер Петровски од хуманитарната организација „Свети Спас“ објаснува дека децата го најавуваат раѓањето на Исус Христос.
– Песната „Коледе“, која традиционално се пее кај нас, е паганска и нема христијанска основа. Наша песна што децата ја пеат на овој голем празник е ,,Вечниот Бог“. Дечињата со неа, станувајќи во раните утрински часови, го најавуваат Христовото раѓање. Сепак, ова е поврзано со традицијата. Во секој случај, Рождеството Христово е важно не само за детето, туку за целото човештво, бидејќи е празник на спасението – вели отец Оливер.
Тој потсетува дека родителите треба да ги учат своите деца на љубов и на вистинските вредности, особено во денешницата, кога вредносниот систем се распаѓа.
– Да ги учиме децата на љубов кон човештвото, без оглед на вера, нација, боја на кожа. Љубовта е единственото нешто што го движи овој свет. И самиот Исус тоа го проповедаше – додава отец Оливер.
Коледарите се продолжеток на ангелското славословие: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Тие низ божиќните коледарски песни ја најавуваат и ја објавуваат суштината на празникот: Христос се роди!, вели отец Горан Стојчевски од Македонската православна црква – OA.
Во врска со значењето на празникот Рождество Христово, тој вели дека во една од главните божиќни песни по тропарот на празникот составена од химнографот свети Роман Слаткопевец се вели: „Зашто заради нас се роди дете – младенец, предвечниот Бог“.
Кај нас при славењето на Божиќ многу нешта и денес се разликуваат од место до место, но Божиќ е незамислив без Бадник, бадниковото гранче, бадниковата вечера, на која присуствуваат членови од семејството и е посна, како и божиќната погача. Суштината на Божиќ е во љубовта, простувањето и милосрдието.
Фото: Архива
912