Некогаш родителите имаа посериозен пристап кон градинката во поглед на довербата и почитта. Различниот пристап на родителите во воспитувањето на детето е исто така важен фактор кој е драстично сменет. Некогаш детето беше извалкано од игрите во двор/на улица, но исполнето и среќно, а денес со самата дигитализација уште од најмала возраст детето игра со смартфон, таблет, лаптоп
Да се чуваат и воспитуваат деца воопшто не е лесно, но кога се сака професијата, сè е поинаку, вели воспитувачката Станка Баџакова. Таа неодамна беше прогласена за најдобра воспитувачка од Асоцијацијата на најдобри наставници од земјите на поранешна Југославија. Работи со деца цели 35 години, од кои 10 како негувател и 25 како воспитувач во градинката „Весели цветови“ во Скопје.
Со Баџакова поразговаравме за тежината на работата, за односот на денешните родители, како и за разликите меѓу децата некогаш и сега.
Соработката со родителите на прво место
– Да се биде воспитувач во градинка воопшто не е лесно. Тежината на самата професија произлегува од одговорноста што ја имаме при реализирањето на воспитно-образовниот процес, со кој ја креираме детската личност, односно ја креираме иднината. Првите 5 години се темелот на една личност. Од друга страна, пак, љубовта кон децата ја амортизира тежината на професијата и на тој начин се прави баланс – вели таа.
Соработката со родителите е исклучително важна и Баџакова секогаш ја става на прво место.
– За успешен и правилен раст и развој на децата, потребно е врската родител-дете-воспитувач да биде цврста и со голема доверба. Досега соработката со родителите ми била на високо ниво. Секоја ситуација ја разгледувам и од нивната улога како родители, со оглед на фактот дека ни го даваат и доверуваат нивното најмило и највредно нешто и целосно ги разбирам нивните очекувања и потреби. Затоа секогаш отворено и искрено зборувам со нив, а целта ни е иста – да изградиме здрави и добри личности – нагласува Баџакова.
Некогаш детето беше извалкано од игрите надвор, но исполнето и среќно
Кога станува збор за разликите меѓу децата и родителите некогаш и сега, таа вели дека тие постојат и дека може да се разгледаат од повеќе аспекти.
– Еден од нив е и погледот на родителите кон градинката како институција во која го носат своето дете. Мислам дека некогаш родителите имаа посериозен пристап кон градинката во поглед на довербата и почитта. Различниот пристап на родителите во воспитувањето на своето дете е исто така важен фактор кој е драстично сменет. Некогаш детето беше извалкано од игрите во двор/на улица, но исполнето и среќно, а денес со самата дигитализација уште од најмала возраст детето игра со смартфон, таблет, лаптоп – додава воспитувачката.
За тоа дали родителите треба да имаат доверба во институцијата градинка и во вработените, таа вели дека градинката е вистинското место за децата.
– Ние, возрасните, сме тие што треба да го негуваме, подучуваме, охрабруваме, поддржуваме и заштитуваме, а не да ги обесхрабруваме и навредуваме. Според мене, градинката е вистинскиот избор за згрижување, воспитување и учење на децата. Тука работи соодветен лиценциран кадар кој континуирано се надградува и доусовршува преку разни семинари, работилници, проекти и предавања од стручни лица. Воспитувачите и негувателките што работат во градинките се компетентни и ги задоволуваат сите критериуми за позитивно да влијаат врз правилниот раст и развој на детето – потенцира таа.
Смејте се почесто
Баџакова им препорачува на родителите да бидат почесто со насмевки на лицата бидејќи децата сакаат да ги гледаат мама и тато насмеани и среќни.
– Квалитетно искористете го секој слободен момент да му посветите целосно внимание на детето. Тоа многу ќе му значи. Почитувајте ја детската личност, покажете му на вашето дете дека и тоа е важен член во семејството. Секојдневно разговарајте со него, дозволете му да ви ги искаже емоциите, а вие внимателно сослушајте го зашто тие се многу важни. Давајте му избор и поддршка со цел да ја зголемува својата самодоверба – завршува Баџакова.
*Станка Баџакова е една од најдобрите воспитувачки во земјите на поранешна Југославија. Секоја ситуација ја разгледува и со очите на родителот
912