Училиштето и обврските веќе завршија, а тоа значи дека имате повеќе време да им се посветите на своите деца. Иако сите имаат заслужен одмор од домашните задачи, децата што имаат тешкотии во говорот не смеат да го поминат летото без активности и вежби кои го поттикнуваат нивниот јазично-говорен развој.
Понекогаш на родителите им е многу тешко да смислат активности или задачи со кои би ги постигнале јазичните цели што се одредени според потребите на детето. За среќа, ние смисливме неколку активности со кои не само што кај детето ќе ги развиете говорот, јазикот, комуникациските вештини и логичкото заклучување, туку и тоа ќе биде сосема несвесно дека вежба, а притоа ќе ужива и ќе игра.
Игри на плажа
Топката за на плажа може да ја користите за вежби за артикулација и фонологија. Со црн маркер напишете броеви од 1 до 10 на топката. Со детето може да си играте додавање (во водата, на плажата) и кога тоа ќе ја фати топката, треба да види кој број е најблиску до неговиот палец. Ако тоа е бројот 3, детето мора 3 пати да ја повтори реченицата што ќе му ја кажете (имајќи го предвид гласот што треба да го вежба на терапијата) или треба да смисли 3 збора што почнуваат или завршуваат на зададениот глас (на пр., с – сонце, сол, сок).
Топката може да се користи и за вежбање на предлозите за место и за следење наредби. На пр., дајте му наредба на детето да ја скрие топката – „стави ја топката ЗАД столот“, стави ја топката ПОД крпата“…
Шетајте со детето по плажата и обидете се да пронајдете повеќе различни камчиња или школки (децата обожаваат да собираат камчиња). Токму обичните камчиња може да ни помогнат во вежбата опишување, т.е. разговор со придавки. Споредувајте ги камчињата што ги најдовте – по што се разликуваат, а по што се слични.
Каква тежина имаат (лесни/тешки), големина (мали/средни/големи), текстура (остри/рапави/мазни/со дупчиња), боја (сива/црвена/црна) итн.
Исто така, може да ја играте играта со наредби. Прво објаснете му ги правилата на детето, а потоа тоа нека ви каже каде да го ставите камчето (на пр., во кофичката, над торбата за плажа, помеѓу крпата и топката, покрај големиот црн камен).
Ако сакате да бидете креативни, земете креда или маркер и вежбајте препознавање и именување на буквите. На камчиња напишете букви, а потоа на детето кажете му да го пронајде камчето со буквата А или од камчињата да напише РАК. Уште поинтересно ќе биде ако треба детето само да ги напише буквите на камчињата. Ако сте на песочна плажа, земете стап и со детето пишувајте букви по песокот. Бидете креативни!