Анета се надева дека некој наставник или професор во Македонија ќе украде некоја корисна метода од катарските

По четири години разделени, семејството на скопјанката Анета Перевска конечно е заедно, во Доха, Катар. Преселбата во Доха била нивниот најголем и најтежок чекор во животот, но се покажал како најправилен.
– Сега јас, сопругот и двете деца ги уживаме благодатите на една развиена земја – од условите за работа, времето посветено на семејството, па сè до организираноста на системот, чиј дел е и образовниот, кој последните неколку години е меѓу најдобрите во светот – вели мајката Анета.

Токму за образовниот систем, кој во најголем дел се одвива во приватните и интернационалните училишта во Доха, се согласи да раскажува Анета. Таа вели дека се надева дека некој наставник или професор во Македонија ќе украде некоја корисна метода од катарските.

Неда

– Ние сме 4-члено семејство кое од неодамна се комплетира во Доха, бидејќи речиси 4 години сопругот беше сам во Катар, додека ние бевме во Македонија. Одлуката и ние да му се придружиме ја сметам за најголемиот и најтежок чекор во нашиот живот, но воедно и најправилниот. Тежок затоа што моравме да се разделиме од фамилијата, од пријателите, соучениците, соседите, другарите и другарките од маало, колегите на работа… Најправилен поради сите позитивни искуства што ги доживуваме овде. За среќа, брзо се адаптиравме и сега се чувствуваме како отсекогаш да живееме тука и уживаме во убавините на Доха, во дружењето со Македонците тука и секако со пријателите доселени од разни страни на светот – раскажува Анета.

Стефан

Таа засега работи како фриленсер, а сопругот е оперативен менаџер. Децата, Стефан и Неда, кои се на возраст од 10 и 6 години, одат во интернационално приватно училиште, едно од 338. приватни.
– Иако традицијата и конзервативната природа на земјата се втемелени во системот, сепак, тоа не значи дека не се надградуваат кога се во прашање технологијата и најновите педагошки методи. Веројатно тоа е еден од рецептите за успешно и модерно образование – вели Анета.

Добро организиран систем

Основното образование во Катар е задолжително. Во државните училишта жителите на Катар учат бесплатно, а на располагање имаат и 338 интернационални приватни школи. Едно од тие училишта е и „Катар интернејшанал скул“, каде што учат децата на семејството Перевски. Тоа е британско училиште со Кембриџ-програма.

– Во нашето училиште има две подготвителни паралелки – Foundation Stage 1 (3-4-годишна возраст) и Foundation Stage 2 (4-5-годишна возраст), кои се еквивалентни на нашето прво одделение од сегашната деветолетка. Потоа следува основното училиште од Year 1 до Year 6 (од 5 до 11-годишна возраст) и на крајот е средното или secondary school од Year 7 до Year 13 (од 12 до 18 години). Нашата ќерка оди во FS2, додека синот е запишан во Year 5. Сите приватни училишта во Катар се со задолжително плаќање. Сумата зависи од училиште до училиште и да бидам искрена, сумите воопшто не се мали, но со оглед на тоа што сè нуди институцијата, прво како објект и средина, а потоа и како пристап и образовни методи, вреди секој еден ријал (н.з. катарската валута) – објаснува Анета.

Кога станува збор за образованието, она што веднаш го забележале Перевски била организацијата на наставата, од самото пристигнување во училиштето, преку предавањата, па сè до доцнењето на часови. Прво што го уочиле биле правилата во училиштето и тоа како е организиран училишниот ден. Тие, покрај самиот систем на работа го прават катарското образование целосно различно од македонскиот систем.

Нема класични школски часови

– Она што веднаш го забележавме е дека часовите во Катар се сосема различни од оние во Македонија. Децата мора да пристигнат на училиште точно во 7 и секое доцнење носи негативни поени. Интересно е тоа што училишниот ден трае 6 часа, но учениците немаат по 5 или 6 предмети на ден, туку максимум по 4 – раскажува мајката.

Еден школски час не трае 45 минути, туку времетраењето на часот зависи од наставниот план за тој ден и од потребите на учениците. Помеѓу часовите имаат период за слободни активности, креативен одмор, одмор за појадок и слично.

Два дена во неделата децата имаат послечасовни активности, од 13:20 дo 14:20 часот, за кои секој ученик однапред одбира во кој клуб ќе се запише. Стефан оди во клуб за информатика или ICT club, како и во клубот за доџбол, додека за учениците од подготвителната настава нема опција за послечасовни активности.

Прашалници за карактерот, интересите, стравовите и навиките на детето

Генералниот впечаток на Анета е дека луѓе што работат во училиштето каде што учат нејзините деца се со отворени умови и срца.

– Постои дисциплина, но во оние нормални и дозволени рамки. Сепак, децата треба да стекнат почит кон авторитети. Конкретно нашите деца се презадоволни од нивните наставнички. Секој час го прават поинтересен и позабавен од претходниот. Многу внимаваат на чувствата на децата и имаат предвид дека 90 отсто од учениците се деца дојдени од други земји, кои поминуваат стресен период на адаптација. Она што особено нè воодушеви е тоа што првиот родителски состанок за нашата ќерка беше конципиран така што имавме 10 минути време на само да се видиме со наставничката туку и да одговориме на 30-ина прашања поврзани со карактерот, интересите, стравовите и навиките на детето. Така таа направи психолошки профил на ученикот, кој потоа ѝ помага во работата. На тој начин наставниците знаат како да го насочат детето, на што посебно да внимаваат и во какви активности да го вклучуваат. А истиот пристап го забележавме и во одделението кај синот, каде што од старт ги забележаа неговите таленти и интереси и постојано работат на тоа дополнително да ги развијат – вели Анета.

Нема часови без интеракција, а наградите се секојдневие

Во училиштето во Доха во кое учат малите Перевски речиси и да нема час без интеракција со децата. Учениците се вклучени во сè, со што се избегнува опасноста на децата да им стане здодевно додека се во училиште. Редовно користат компјутери и разни алатки за моторен и психолошки развој на децата.

– Методот на награда е многу важен сегмент. Секој ден ученикот со најдобро поведение е издвоен од другите со тоа што неговото име го ставаат на ВИП-табла или во т.н. поле за златна ѕвезда. Секако, и оние што не биле баш кооперативни добиваат опомена со тоа што им ја менуваат бојата на нивниот статус, но се разбира веќе следниот ден добиваат шанса да се поправат – го објаснува Анета системот за наградување и казнување на учениците.

Она што особено им се допаднало на Перевски во односот наставник-родител е постојаната комуникација.

– Како родители, мошне ни е важно тоа што училиштето е во постојана комуникација со нас преку е-пошта и преку специјални мобилни апликации во кои ги следиме присутноста и поведението на децата, како и наставната програма и задачите за дома. Редовно одржуваат и работилници за родителите, на кои ни ја презентираат наставната програма и нè советуваат како да им помогнеме на децата полесно да го совладаат материјалот.

Без распоред на часови, онлајн-математика и лекции според расположението

Во училиштето домашни задачи има многу малку. Домашните задачи по математика се во форма на играње компјутерски игри во кои главно оружје за победа против „непријателот“ се точните одговори на математичките задачи. Тоа е нешто што особено го радува Стефан. Имаат и изработка на проекти, но главно сè е концентрирано да се сработи на час, бидејќи наставниците прават сè за да им остават доволно време на децата да си играат и да бидат со родителите.

– Конкретно кај подготвителните одделение се држат до принципот на т.н. момент на планирање, што значи немаат однапред одреден распоред на часови, туку секојдневно одлучуваат што ќе учат во зависност од расположението и интересите на децата. Исклучително е важно тоа што, како што ни кажаа на една од работилниците, наставниците не ги гледаат децата како група, туку како индивидуи, секоја со различни интереси, опсег на внимание, расположение, желба за учење и слично – кажува нашата соговорничка.

Нема предрасуди, нема расизам, нема нездрава храна

Во одделенијата во училиштето на Неда и Стефан ставот на наставниците е дека сите се еднакви и рамноправни и со секој ученик се работи со еднаква грижа и внимание. Тоа што има деца речиси од сите континенти е прекрасен начин детето да порасне во космополит, вели мајката.

Покрај образовниот дел, внимателно е организиран и секој друг сегмент од престојот на децата во училиштата, на пример, исхраната.

– Децата имаат избор на храна во училиштето или си носат спакуван ручек од дома. Од училиштето постојано нè потсетуваат нас, родителите, да им пакуваме здрава храна и да внимаваме да не праќаме високоалергени продукти. Имаат и кантина во која се служи топол оброк и сендвичи. Она што особено ме воодушеви е што секоја недела го менуваат менито, кое е составено исклучиво од здрава храна, со многу зеленчук и овошје. Дури и јас би се претплатила на нивното мени – додава Анета.

Иако сето ова е само дел од образовниот систем во најголемиот дел од училиштата во Катар и образованието таму, сепак, според Перевски, доволно е за да се заклучи дека разликата меѓу работата и организацијата во катарските и македонските училишта е огромна – од педагошкиот пристап кон децата, преку мерките за безбедност, па сè до оценувањето.

– Кога од училиште кое буквално беше урнатина со прастар инвентар и бараки што требало да бидат само привремено решение по земјотресот ќе дојдеш во училиште во кое дури има и посебна климатизирана соба во која родителите можат да ги чекаат децата, се чувствуваш како да си преминал некоја друга димензија. И не зборувам само од аспект на квалитетен објект, туку и од аспект на наставна програма, сè е тотално различно. Посакувам барем 50 отсто од она што го нудат како програма тука да го применат и во Македонија. Разликата ќе биде веднаш видлива. Нема ништо поважно за еден родител од тоа неговото дете да биде среќно на училиште и со радост да го совладува новиот материјал. Во Македонија не се проблем наставниците. Проблемот повеќе е во наставната програма која, според мене, е пренапорна за децата и ѝ недостига интерактивност, креативност и користење модерна технологија. Ќе ви дадам само еден пример, пред некој ден во одделението на син ми работеле на тема екологија. Добиле задача самите, поделени во групи, да измислат продукт кој ќе помогне во решавањето на проблемот со загадувањето и потоа да осмислат рекламна кампања за негова промоција. Феноменален начин да ја поттикнеш креативноста на децата и истовремено да ги натераш да совладаат повеќе вештини – вели Анета.

Редовно се случува да повикаат деца од погорните одделенија за да им помогнат на помалите ученици во совладувањето одредена проблематика.
– Малку ни беше чудно кога ни кажаа дека секоја година им ги менуваат наставниците и ги мешаат децата, но кога ни ја објаснија причината, сфативме дека е сосема правилно. На тој начин сите деца од генерацијата се запознаваат меѓу себе и добиваат можност да работат со различни наставници, па го нема оној момент на приврзаност. Освен тоа, доколку не ти се допаѓа пристапот на наставникот, нема да мора да го трпиш шест години – завршува Анета.



912

X