Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две дечиња, машкото има 5 години, а девојчето 3. Немавме услови дома, па машкото почна да спие со свекрвата кога останав бремена со девојчето. Но откако почна да спие со бабата, има чудни реакции. Ако не му се угоди нешто, тој вреска, пишти на цел глас мислиш го тепа некој, фрла предмети и веднаш почнува со изразите: „Те мразам тебе“, „Да одиш во шума“, „Ја сакам само баба ми“… Живееме со свекрвата во стан од 80 квадрати и пробуваме со сопругот да ѝ објасниме некои работи, но таа продолжува по свое. Проблемот е што сега ќе се селиме во нов стан за да живееме сами и неколку пати се обидувам на синот да му објаснам дека тоа е наш нов дом, дека ќе си има своја соба, ќе ја наместиме како што сака тој и сл., но тоа го доживува како траума и не сака да се преселиме. Вели дека ќе живее со баба му.

Воедно, никаде не оди сам, секогаш мора да има некој со него. И во соба не седи сам, често е агресивен кон сестра си, ја мрази и вели: „Не ја сакам, зошто ми ја родивте“.
На секој начин пробуваме да го решиме ова, ама очигледно е голем проблем. Го викаме да дојде една вечер да преспие со нас, но веднаш почнува да плаче и да вика: „Бабо, помош“. Тоа му е омилена фраза кога ќе наиде на отпор. Не знам како да се справам со проблемов. Многу ми е стресно, често пијам таблета за смирување за да не избувнам и да не направам проблем. Што ќе биде кога ќе се преселиме во новиот стан, како да постапиме? Тој одбива наредби од нас.

Прашува: Ирена

ОДГОВОР: Почитувана, секоја промена што се случува во рамките на семејството влијае врз детето. Со раѓањето на новото дете се менува целокупната динамика во рамките на семејството. Многу често постарото дете се чувствува неприфатено и мисли дека бебето му ги зема тато и мама, поточно нивната љубов. Во вашето прашање не давате информации за начинот на подготовка на синот за раѓањето на сестричката, начинот на кој му било објаснето дека поради условите, треба да спие со бабата. Подготовката е многу важен аспект со цел детето полесно да се приспособи на новиот член. Дополнително, кога станува збор за повеќегенерациско семејство, понекогаш бабата или дедото може да земе улога на родител кон своите внуци, при што се случува да се упатуваат сосема различни пораки кон детето за една иста работа од различни страни. Како резултат на тоа, детето не знае кого да слуша и како да постапува.

Јана Зенговска, психолог

Во вашиот случај синот ја чувствува поддршката од бабата и таа во моментов му дава чувство на прифатеност и безбедност. Бидејќи ќе се селите во нов стан, ќе имате можност да си воспоставите сопствена динамика на живеење и ќе почнете да функционирате самостојно, што е важно за да воспоставите комуникација и да изградите нов однос со вашите деца, особено со синот.

Објаснувањето во овој момент нема влијание врз синот бидејќи е потребно да ги уважите и да ги препознаете неговите емоции. Агресивното однесување е само повик да го забележите, мал е и не знае како да се справи со чувствата што се јавуваат кај него.

Секоја промена е траума, особено преселбата бидејќи за детето тоа е напуштање на домот кој за него е извор на безбедност, поддршка и местото во кое е навикнато да функционира. Опсипете го со љубов, често кажувајте му колку многу го сакате, раскажувајте му приказни, случувања за него и каков бил кога бил многу мал. Многу е важно да се почувствува важен и значаен во животот на сестра му. Разговарајте и прашајте го што му пречи кај сестра му, објаснете му зошто откако се родила сестричката тој морал да спие со баба. Разговарајте со него за баба му, што најмногу сака кај неа. Повеќе време бидете заедно, играјте, следете го како се однесува и вербализирајте ги неговите емоции. Креирајте заеднички ритуал пред спиење или во текот на денот кој е поддржувачки за двете деца (на пример, читање приказна пред спиење, гледање цртан филм итн.).

Вие и сопругот излезете само со синот (на прошетка, купување, разгледување мебел…). Разговарајте отворено со свекрвата, искажете ја својата благодарност што била тука и ви помагала, но објаснете ѝ дека со своето однесување несвесно му одмага на внукот, кој многу го сака. Ова е процес кој треба да се одвива постепено и потребни се многу трпение и мудрост. Синот ве сака, но е лут. Помогнете му да ги изрази својот бес, лутина и тага преку игра со многу разбирање и поддршка.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X