Словенечкиот клинички психолог Александер Задел истакнува две екстрема во родителството: родители што многу бараат и претерано заштитнички настроени родители кои долгорочно претставуваат најголема опасност за децата, бидејќи не им дозволуваат да научат да го живеат животот и да се соочат со тешки ситуации.

Задел, кој е директор на Институтот за личен развој „Корпус анима ратио“, вели дека по повод почетокот на учебната година, родителите се драматично поголеми паничари, додека децата се поиздржливи и главно го прифаќаат училиштето како факт.

Според него, родителите што ги сметаат децата и нивното школување како личен проект, веројатно ќе бидат анксиозни бидејќи ги очекуваат разговори за домашните задачи, учењето, одговорноста и резултатите.

– Денес луѓето се многу повештачки поврзани отколку некогаш. Под тоа мислам на поврзаноста на социјалните мрежи, а не на личната поврзаност. Таму се формираат некои општи ставови, уверувања и очекувања за тоа како треба да изгледаат училиштето, наставниците и децата. На овој начин се губи односот кон индивидуалноста на самото дете, како и кон наставниците и училиштето – изјави тој.

Според него, денес малку се води сметка за потенцијалот на детето бидејќи преовладува мислењето дека сите сме способни да постигнеме што било ако доволно го сакаме тоа и дадеме сè од себе.

– Тоа се огромни глупости – изјави тој и додаде дека притисоците врз детето во смисла дека врз неговиот живот ќе има влијание ако нема најдобра оценка или ако не е најдобро, порано или подоцна ќе се манифестираат кај детето.

– Затоа децата се под голем стрес, а не затоа што училиштето многу бара од нив – вели Задел.



912

X