Министерот за образование и наука Арбер Адеми ги повика директорите и наставниците во основните и средните училишта да се подготват за утрешниот прв училишен ден, затоа што, како што рече, едукацијата на учениците не треба да има застој. Тој вели дека не треба да се дозволи разочарување на првачињата кои првпат ќе седнат во училишните клупи.
Адеми порача дека ќе продолжи дијалогот со СОНК за заедно да ги дефинираат сите идни системски мерки за подобар квалитет на наставата и матертјалниот статус на наставниците. Притоа нагласи дека МОН е на страна на образовната дејност и на наставниците и дека за 10,8 отсто е повисока нивната плата во септември 2019 во однос на август 2018 година, со двете покачувања од по пет отсто лани и оваа година во септември.
На прашањето за најавениот предупредувачкиот штрајк на СОНК за утре министерот одговори дека не се штрајкува кога има одлука за поголема плата.
Фото: Влада
-Нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата – рече Адеми.
Тој вели дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот ќе се знае и за можностите за идно покажување на платите.
Министерот им посака успешна учебна 2019-2020 година на околу 260.000 основци и средношколци од кои околу 20 илјади првачиња.
912