Најстариот син Маркијан има 11 години, а близнаците Макариј и Доротеј во септември ќе наполнат пет
Да се биде мајка е света мисија. Раѓаш човек, некој што утре ќе има некаков импакт во ова општество. Добиваш нова мисија, различна, во зависност од детето. Да се биде мајка на три деца е предизвикувачка задача. Но, прекрасно е. Вака накратко го опишува своето мајчинско искуство нашата позната пејачка Ребека Јанковска-Ристески. Таа е и основач на Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“. Секој ден се бори за подобрување на квалитетот на живот на лицата со посебни потреби.
Ребека, сопругот Милан, Маркијан и близнаците Макариј и Доротеј
Не е мала работа да донесеш дете на свет
Најстариот син Маркијан има 11 години, а близнаците Макариј и Доротеј во септември ќе наполнат пет. Ребека со треперлив глас зборува за моментот кога дознала дека ќе има близнаци.
– Бидејќи претходно имав една бременост, се посомневав во симптомите. Отидов на преглед. На прегледот дознав дека сум бремена, но имав крвавење во еден дел од матката. Се засекиравме со Мики, но докторката рече дека сѐ е во ред, плодот е безбеден и да дојдам по некоја недела – раскажува таа.
Токму во тој период Ребека го организира првиот бал на различностите. Вели дека била многу ангажирана, била водителка, пеела, па на преглед отишла откако завршил настанот.
– Отидов на преглед кaj д-р Ина Станкова, која ми ја водеше бременоста. Мики задоцни. Докторката ми направи ехо и ми рече: „Ребека, па ти имаш уште едно бебе“. Почнаа солзи да ми течат. Мики дојде подоцна, а ние со докторката му ја оставивме снимката сам да ја види. Кога Мики виде на екранот, почна да скока и да вреска од радост. Бевме најсреќни на целиот свет – вели Ребека.
Во текот на бременоста поминала низ многу испитувања бидејќи првото синче Маркијан е растен по болници. Ребека вели дека раното детство на Маркијан му било многу тешко, па и нејзе и на Мики им требало време за да се опуштат со новата бременост.
– При сите тие испитувања всушност дознавме дека се две машки. Се спремавме за две братчиња и секако го подготвуваме и Маркијан. Со голема радост ја поминав целата бременост. Она што го доживеав со Маркијан како мајка ме научи повеќе да го ценам животот. Не е мала работа да донесеш дете на свет – вели емотивно Ребека.
Бабите доаѓале на смени
Се породила со царски рез, порано, во 35. недела. Ребека вели дека овој начин на породување никому не му го препорачува, освен ако не е неопходен.
– Со Маркијан имав природно породување, па можам да споредам. Мики го снимаше раѓањето на близнаците. Јас, пак, ја пеев Twinkle twinkle. Доктор Горан Кочовски ми рече дека сум единствената пациентка што пеела на породување – вели Ребека, која и денес со песна ги заспива децата.
Знаеле дека кога ќе си дојдат дома со две бебиња, ќе биде тешко, па ги ангажирале двете баби, кои доаѓале на смени.
– Цело време беа со нас. Така мораше да биде и со специфичноста на Маркијан. Беше интересно тоа што во почетокот Маркијан ги прифати, а потоа почна да вика: „Не ги сакам, нека си одат“. Маркијан имаше речиси седум години кога се родија близнаците – вели таа.
Доењето на две деца бил посебен предизвик за Ребека. Доротеј, кој се родил 1.900 грама, потешко цицал. Макариј, пак, е роден со еден килограм плус. Истовремено почнала да ги дои по некој месец. Вели дека дури тогаш можела веќе сама да останува дома и со двајцата. Во почетокот ги доела на два часа, а на секое доење навечер се будел и Маркијан.
– Имав полни раце работа. Тешко беше, но и убаво.
Кога близнаците наполните три месеци, заминале во Маврово на чист воздух, бидејќи во Скопје било многу загадено.
– Таму Мики ја скрши ногата, помина низ тешки операции, па буквално беше хаос. Помина и тоа и потоа дојдоа помирни денови – вели Ребека.
Ако им смислуваш игри и ги анимираш, нема да побараат таблет
Макариј и Доротеј, кои имаат речиси пет години, се многу различни и физички и карактерно. Многу брзо прооделе, пред да наполнат една година.
– Макариј прв почна да зборува и денеска е многу позборлест од Доротеј. Се развиваа многу различно. Макариј е поотворен за комуникација, во искажувањата е поексплицитен, како возрасен човек е. Зборува многу. Доротеј зборува само кога има потреба и има развиено голема фантазија. Блиски се сите тројца, многу си играат, не можат еден без друг. Сите спијат во една соба.
Ребека потенцира дека ги воспитува во духот на православието.
– Сакам да сфатат дека животот е дар од Бога и дека за сѐ што имаме треба да сме благодарни. Од храната, до земјата по која газиме и за блиските луѓе околу нас. Ги учам дека семејството е најважно од сѐ.
Да се биде родител не е лесна задача. Ребека вели дека сите родители грешат, па така и таа и Мики.
– Околу мене гледам многу родители што им забрануваат многу работи на децата, па дури и да трчаат. Моите трчаат, се качуваат, се валкаат во песок. Сметам дека така ќе научат да се заштитат себеси од мали. Кога треба да ги искарам, ги праќам сами во соба, да размислат што направиле. Се покажа како успешен метод. Мора да се биде строг на моменти. Ние секогаш дискутираме за проблемот веднаш и сѐ се решава со разговор – вели Ребека.
На децата им ја одложува зависноста од мобилен телефон. Вели дека имаат таблет на кој поминуваат ограничено време, а сега и тој е расипан, па вели дека многу им е поубаво.
– Ако родителот сака и има енергија да игра и да им смислува игри на децата дома, нема да побараат ниту телевизор ниту таблет. Ги анимирам цело време, цртаме, боиме, си играме.
912