Алергијата на прашина е развој на алергиска реакција кон малите организми дерматофаги кои најчесто живеат во домашната прашина. Знаците за алергија на домашна прашина се слични со оние за поленска треска, како што се кивање и течење на носот. Многу луѓе со алергија на домашна прашина може да имаат и знаци на астма, како што се свиркаво и отежнато дишење, објаснува прим. д-р Соња Петровска, педијатар во клиничката болница „Жан Митрев“

Дерматофагите, познати меѓу луѓето како грињи, кои се блиски роднини на крлежите и пајаците, се премногу мали за да се видат без микроскоп. Тие се хранат со отпаднатите клетки од кожата на луѓето и се присутни во топли и влажни средини. Во повеќето домови, некои места, како постелнината, тапацираниот мебел и теписите, обезбедуваат идеална средина за собирање на домашната прашина.

Д-р Соња Петровска

Со преземање чекори за намалување на бројот на дерматофагите во домот може да се добие контрола врз алергијата на домашна прашина. Повремено треба да се земаат лекови или други третмани за ублажување на симптомите и контрола на астмата.

Симптоми

Симптоми што се предизвикани од алергиска реакција на ниво на лигавицата на носните шуплини вклучуваат:

• Кивање
• Течење на носот
• Чешање, црвенило или солзи во очите
• Назална конгестија
• Чешање во носот, на лигавицата на тврдото непце или грлото
• Слевање на секрет
• Кашлица
• Притисок или болка во лицето
• Оток на лицето или халонирани очи
• Кај дете, често чешање на носот

Доколку алергијата на домашна прашина придонесува за развој на астма, може да се јават и:

• Тешкотии во дишењето
• Стегање во градите или болка во градите
• Свирење во градите или отежнато дишење
• Проблеми со спиење предизвикани од отежнато дишење, кашлање или свирење во градите
• Напади на кашлица или свирење во градите, кои се потенцираат од респираторни вируси, како што се настинка или грип.

Алергијата може да варира од блага до тешка. Умерен степен на алергија на прашина може да предизвика повремено течење на носот, солзење на очите и кивање. Во тешки случаи, состојбата може да стане хронична, т.е. се манифестира со постојано кивање, кашлица, конгестија, притисок на лицето или тежок напад на астма.

Кога да се побара лекарска помош

Некои знаци и симптоми на алергија, како што е течење на носот или кивање, се слични на оние на обичната настинка. Понекогаш е тешко да се знае дали имате настинка или алергија. Ако симптомите траат подолго од една недела, може да имате алергија.

Доколку состојбата се влошува со појава на тешка назална конгестија, отежнато дишење или тешко спиење – неопходна е помош од лекар. Итна медицинска помош треба да се побара ако настапи брзо влошување со појава на отежнато дишење или глад за воздух или ако губите здив при минимална активност.

Причини

Алергии се јавуваат кога имунолошкиот систем реагира на туѓа супстанција, како што се полен, миленичиња или дерматофаги. Имунолошкиот систем произведува протеини познати како антитела кои штитат од несакани напаѓачи што би можеле да направат болест или да предизвикаат инфекција. Кога постои алергија, имунолошкиот систем прави антитела кои го идентификуваат алергенот како нешто штетно, иако тоа не е. Ако дојде до повторен контакт со алергенот, имунолошкиот систем предизвикува воспалителен одговор во носните ходници или белите дробови. Продолжената или постојана изложеност на алергенот може да предизвика хронично воспаление кое води кон астма.
Дерматофагите се хранат со органска материја, како што се клетките на кожата, кои паѓаат, а вода апсорбираат од атмосферата.
Прашината, исто така, ги содржи фецесот и распаднатите тела на дерматофагите.

Фактори на ризик

Следниве фактори го зголемуваат ризикот од развој на алергија на прашина:

• Да има семејна историја за алергии. Поголема е веројатноста да се развие чувствителност кон дерматофагите ако неколку члена на вашето семејство имаат алергии.
• Изложеност на прашина со дерматофаги. Изложеноста на високи нивоа на дерматофаги, особено на почетокот на животот, го зголемува ризикот од развој на алергија.
• Поголема е веројатноста да се развие алергија на дерматофаги во текот на детството или раната адолесценција.

Компликации

Ако постои алергија на дерматофаги, изложеноста на дерматофагите и нивните остатоци може да предизвика компликации.

• Синусни инфекции: Продолжените (хронични) воспаленија на лигавицата во носните ходници, предизвикани од алергија кон прашина, може да ја попречат дренажата на синусите во носните ходници. Овој застој на секретот може да предизвика поголема можност за развој на инфекции на синусите (синузитис).
• Астма: Луѓето со астма и алергија на прашина често имаат тешкотии да ги контролираат симптомите на астмата. Тие можат да бидат изложени на ризик од напади на астма кои бараат итен медицински третман или итна медицинска помош.

Автор: Прим. д-р Соња Петровска, педијатар во клиничката болница „Жан Митрев“



912

X