Oд учебната 2019/2020 година во седумте основни училишта во Општина Центар како изборен предмет за третоодделенците ќе се воведе изучување на јазиците на помалите етнички заедници во Република Северна Македонија, информираат од оваа Општина. Во текот на мај, по препорака на Министерството за образование и наука, Општина Центар спровела анкета за изразување интерес за изучување на српскиот јазик во паралелките од второ одделение во сите седум основни општински училишта, на која позитивно се изјасниле вкупно 153 ученици.

Во соопштението од Општината се вели дека имајќи предвид дека анкетата е спроведена на 29 јуни, односно на денот на доделување на свидетелствата, поради можно отсуство на дел од учениците, се очекува оваа бројка да се зголеми откако во септември ќе биде спроведена дополнителна анкета за отсутните.

Согласно тоа, очекувањата се дека во учебната 2019/2020 година ќе има една до две цели паралелки што факултативно ќе го изучуваат српскиот јазик.

-Со почетокот на учебната година, во септември ќе биде спроведена и анкета за изучување на јазиците и на другите етнички заедници, поточно: бошњачки, турски, влашки и ромски јазик, и во зависност од интересот и овие јазици ќе бидат воведени како изборни предмети за учениците од трето одделение. Воведувањето на јазиците на помалите етнички заедници во РСМ како изборен предмет во основните училишта на територија на Општина Центар е со цел да им овозможи на децата од одредена националност и академски да го изучуваат јазикот на националноста на која ѝ припаѓаат, но и да им даде можност на децата од другите националности да се запознаат со јазикот на своите соученици. Проектот е во насока на зближување и заедништво, мултиетничка толеранција и разбирање и изучување и запознавање на децата со што повеќе јазици уште од најрана возраст – се вели во соопштението.



912

X