Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Повеќе од авторот

Емпатија се учи. Задачата на родителот е да го научи своето дете дека чувствата на другите се важни и треба да се почитуваат

Емпатијата претставува способност да се разберат туѓите и сопствените чувства, мисли и однесувања, особено во интерперсоналните ситуации, и да се манифестира однесување што се базира врз таквото разбирање. Разбирањето на туѓите чувства и согледувањето на проблемот од различни перспективи овозможува подобро разбирање меѓу луѓето, а со тоа и можност за ненасилно решавање на конфликтни ситуации. Емпатијата е вештина што се стекнува и се развива преку секојдневно вежбање низ разни животни ситуации.

Постои широко распространето верување дека емпатијата кај децата се развива околу третата година (бидејќи дотогаш децата се егоцентрични, насочени кон себе и кон задоволување на сопствените потреби), а токму емпатијата им овозможува да ја надминат себичноста и да развиваат чувствата за другите.

Емпатичните деца се поуспешни во социјалните односи и имаат повеќе врски со врсниците. Тие често се омилени во врсничките групи. Емпатијата подоцна е основа за развој на емоционална интелигенција.

Како се поттикнува и развива емпатија кај децата?

Емпатија се учи. Задачата на родителот е да го научи своето дете дека чувствата на другите се важни и треба да се почитуваат. Покажете му на детето дека сочувствувате со него. Малите деца (исто како и возрасните) сакаат да почувствуваат дека некој сочувствува со нив.

Кога родителите, роднините или воспитувачите ги забележуваат првите знаци на емпатија кај децата, треба да ги пофалат

Децата учат според „модел“. Првиот модел на детето се родителите и нивните постапки – внимание, грижа за семејството, односи со пријатели, соседи, роднини, домашни миленици…

Дајте им на децата едноставни и јасни објаснувања за тоа како другите луѓе се чувствуваат кога се тажни или повредени. Ова е особено важно ако детето предизвикало такви чувства кај други деца (на пр. кога зема играчка на друго дете). Кога ќе се случи вакво нешто, разговарајте и објаснете му како се чувствува другото дете.

Кога родителите, роднините или воспитувачите ги забележуваат првите знаци на емпатија кај децата, треба да ги пофалат. Кога вашето дете му дава играчка на помладиот брат или сестра која плаче, покажете дека ги цените неговите постапки.

Препорачливо е родителите да ги научат своите деца да не ги избегнуваат врсниците кои се поразлични од нив, деца кои имаат пречки во развојот, физички хендикепи, националност или вера – да ги научат за вистинските вредности и толеранција на различностите. Секогаш прашувајте ги: „Како би се чувствувале на неговото/нејзиното место?“

Врз основа на примерот, родителите треба да го поттикнат детето со текот на времето самостојно да заклучува за чувствата на другите. Како примери може да послужат херои од бајките, сликовници или примери за живот кои на едноставен начин ги пренесуваат меѓучовечки односи, вредности и чувства. Со анализа на постапките и чувствата на херојот (тага, радост, гнев, повредување, разочарување, фрустрација …), децата забележуваат суптилни емоции и почнуваат да се соживуваат со ликовите.

Развивањето способност за емпатија кај децата има низа предности:

– Полесно остваруваат пријателства во кои се чувствуваат задоволни бидејќи пријателите најчесто им возвраќаат на сличен начин;
– Имаат поголем успех и задоволство во училиштето и во социјалните ситуации (училишни и вонучилишни);
– Имаат поголема толеранција кон различностите;
– Поодговорни се кон себе и кон другите;
– Подобро ги разбираат различните човечки перспективи (како е да се биде во туѓа кожа);
– Подобро ги решаваат недоразбирањата и конфликтите.

Не очекувајте да видите сочувство кај вашето дете во секоја ситуација. Малите деца сè уште учат што се емоции и како луѓето функционираат заедно. Охрабрете ја емпатијата, но не очекувајте совршенство.



912

X