Учениците со најтежок вид попреченост може да продолжат да учат во специјалните училишта, по желба на своите родители, истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој зборуваше за новините предвидени со новиот закон за основно образование. Ова значи дека Адеми ги послуша професорите од Институтот за дефектологија, кои предупредија дека не е возможно деца со тешка интелектуална попреченост да бидат дел од редовното образование и да учат во редовните училишта.  Законот сега оди во собраниска процедура, а тој очекува да се усвои што поскоро и примената да почне од претстојната учебна година.

– Со новиот закон се унапредува процесот на инклузија, односно целосно вклучување на сите ученици во основните училишта. Посебните училишта нема повеќе да запишуваат ученици со посебни образовни потреби. Сега, оние со најтежок вид попреченост може да продолжат во посебните училишта по барање на нивните родители – рече Адеми.

До 2023 година специјалните училишта ќе продолжат да постојат и децата со попреченост таму ќе се запишуваат.

– Во меѓувреме ќе вложуваме во кадар, во услови и во опремување на редовните училишта. Исто така, ќе се утврдува и степенот на попреченост. Секое дете има право да биде вклучено во образовниот процес – рече Адеми.

Новина е тоа што во една паралелка од септември ќе учат до 30 ученици, а во комбинирана паралелка бројот на деца ќе се ограничи на 10. Ново е и тоа што учениците во училиштето ќе можат да се организираат, односно ќе се овозможи посилно застапување на нивните интереси.

– Професионалната ориентација ќе биде дел од овој закон, односно ќе се следат афинитетите на учениците. Ќе има и финансиска поддршка на учениците учесници во меѓународни натпревари, односно МОН ќе плаќа котизација и трошоци за натпревари од информатика, математика и природни науки. Новина се и тандем-наставниците на часовите по физичко образование за децата од прво до петто одделение – информира Адеми.

 



912

X