Оценките се заклучуваат на 10 јуни, а потоа следува средба со родителите на која ќе им биде соопштен успехот на децата

Учениците од основните училишта имаат уште една недела да го покажат своето знаење за конечна оценка. Периодов тие сѐ уште добиваат тестови по многу предмети, по кои ќе се формулираат конечните оценки.
Родители велат дека секој ден имаат и по два теста, што значи дека учениците се наоѓаат во еден од најстресните периоди.

Оценките се заклучуваат на 10 јуни, а потоа следува средба со родителите на која ќе им биде соопштен успехот на децата. Ако некој родител смета дека неговото дете е оштетено со некоја оценка, има право да поднесе приговор. Директори на училишта велат дека сите родители се известени за ова право, а искуството колкумина го користат во практика е различно во секое училиште.

Приговорот мора да се образложи

Според Законот за основно образование, годишните оценки ги соопштува одделенскиот, односно раководителот на паралелката на родителска средба, која се одржува три дена по одржувањето на наставничкиот совет на кој се утврдуваат годишните оценки на учениците.
– Ако ученикот или родителот не е задоволен од годишната оценка, родителот има право, во рок од три дена од денот на соопштувањето на успехот, да поднесе писмен приговор до наставничкиот совет на училиштето, кој треба да биде образложен. Наставничкиот совет по приговорот решава дента по истекот на рокот за приговорот – стои во законот.
Наставничкиот совет може да го уважи приговорот, да го одбие или да организира повторна проверка на знаењата на ученикот.
За повторна проверка на знаењето, директорот, најдоцна во рок од пет дена од денот на приемот на приговорот, формира комисија за повторна проверка на знаењето. Претседател и член-испитувач на комисијата не може да биде наставникот што ја утврдил оценката. Конечна е оценката на комисијата.

Има незадоволни родители, но тоа не е масовна појава

Директорката на скопското Основно училиште „Војдан Чернодрински“, Христина Ристевска, вели дека сите родители и деца навреме се известени за правата што ги имаат во врска со конечните оценки.
– Не е едноставна процедурата за поднесување приговор, како и самата процедура на формирање на комисиите, но сите родители што сметаат дека нивните деца не добиле соодветна оценка по одреден предмет поднесуваат приговор. Иако се случуваат вакви ситуации, сепак не е некоја масовна појава, не се случува често – вели Ристевска.
Директорката на „Лазо Трповски“, Елеонора Стрезовска, вели дека родителите се секогаш незадоволни од оценките, некои поднесуваат приговори, но ретко се усвојуваат.
– Децата на крајот секогаш ги добиваат заслужените оценки, така е во нашето училиште. Родителите имаат право да поднесат приговори, се формираат комисиите, но на крајот навистина многу мал број се усвојуваат, што значи дека наставникот ставил заслужена оценка – вели Стрезовска.



912

X