Дете на претшколска возраст не ја разбира смислата на бројот. Почетното разбирање на поимот „број“ започнува со формирањето на поимот „збир“. Како и многу други аспекти од развојот, за да се стимулира развојот на почетното математичко образование, потребно е околината на детето да го поттикнува на истражување. Самите математички поими настануваат како резултат на синергијата на податоците што ги осознаваме и сетилата.

Како се развива поимот „број“?

Се работи за континуиран процес кој тргнува од материјалната реалност, а завршува со апстрактна генерализација. Бројот и броењето, на детето треба прво да му се приближат преку принципот на очигледност. Тоа се постигнува така што се бројат прво поединечни предмети каде што последниот број кој го изговараме покажува колку предмети има вкупно – на тој начин го формираме поимот количина. Потоа се преминува на броење преку покажување со прсти, потоа кимање со главата и на крајот броиме со движење на очите, односно мисловно. Мисловното броење значи дека детето со својот поглед го опфаќа целиот збир.

Развојни етапи во формирањето на бројот

При формирање на поимот број постојат повеќе етапи, но во претшколска возраст се реализираат само три:

Првата етапа се реализира на возраст до пет години, кога детето перципира група на предмети, а бројката е збор која одредува една група на предмети. Во оваа етапа бројот е врзан за збир на предмети.

Втората етапа подразбира процес кога група на предмети е карактеризирана само со еден одреден број.

Во третата етапа се започнува со употреба на апстрактни броеви, но тие се уште врзани за конкретни предмети. Во оваа фаза детето станува свесно за бројните односи.

За време на процесот на формирање на поимот број потребно е детето да се мотивира на самиот почеток со активности како песнички, приказни, игри. Тогаш детето доаѓа до сознание дека има еден нос, една глава, две нозе, две раце.

Пример: Формирање на поимот за бројот 1

Се тргнува од очигледните предмети и поими од околината, која на децата им е позната. Се осврнуваме околу себе и уочуваме едночлени купчиња. Се поставуваат конкретни прашања:

„Кога ќе погледнеш околу себе, колку столови има?“ – „Еден“.
„А кога ќе погледнеш на небото, колку сонца гледаш?“ – „Едно“.
„Ние сме луѓе, колку глави имаат луѓето? Колку глави имаш ти?“ – „Една“.

Потоа покажуваме слики каде што има само еден предмет, сликата ја опишуваме на тој начин што ќе биде поврзана со зборот „еден“, заедно со името на поимот што го покажуваме. Потоа, на секоја слика пишуваме 1, без да го именуваме предметот. На тој начин се стимулира развојот на апстрактниот поим на бројот. Потоа на детето можеме да му кажеме, на пример, од хартија во боја да исече некој облик и да го именува, користејќи го и бројот еден. На крајот се вежба правилното пишување на бројот.



912

X