Учениците во основно образование ќе се организираат во ученички парламент. Парламентот ќе има претставници во училишниот одбор и ќе дава свои предлози за активности, за ученички екскурзии, како и предлози за ученичкиот стандард. Ова е предвидено со новиот нацрт-закон за основно образование, чија примена ќе почне од септември. Измените и новините денеска ги најави министерот Арбер Адеми.

– Ќе има измени и во однос на храната во училиштата. Нутритивниот квалитет ќе го утврдува Центарот за јавно здравје, а за неправилности ќе се известува Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Друга новина е тоа што ќе биде овозможено домашно образование за деца кои поради болест се отсутни повеќе од три недели од наставата – најави Адеми.

Учениците нема да учат во саботите. Нема да има ни намалување на бројот на часови. Новина е тоа што учениците од прво до петто одделение покрај одделенскиот наставник, на часовите по физичко ќе имаат и наставник по физичко и здравствено образование.

Арбер Адеми; Фото: МОН

Адеми образложи дека намалување на бројот на наставни денови нема да има бидејќи учениците имале 900 часа помалку од нивните врсници во земјите-членки на ОЕЦД.

На предлог од Бирото за образование министерот ќе утврдува национални стандарди базирани на компетенции кои учениците треба да ги стекнат и усвојуваат на крајот од секој период од основното образование во подрачјата: јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура.

Со новиот закон МОН воведува новини за учеството на меѓународни натпревари на учениците, со тоа што ќе го покрива и трошокот за менторот, а ќе бидат покриени и трошоците за децата што само учествувале.

Во нацрт-законот останува и одредбата за намалување на бројот на ученици во паралелките. Ако досега беше минимум 24, а максимум 34, сега се предлага таа граница да се намали за четири деца, односно – од 20 до 30.



912

X