Основното училиште „Вера Јоциќ“ во скопската населба Хиподром е едно од четирите нови училишта што се изградени во последниот период, а се градат уште две, рече премиерот Зоран Заев, кој го промовира објектот заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
Заев нагласи дека паралелно се реконструираат осум стари основни училишта.
– Тоа значи дека повеќе од 4.500 дечиња само од основното образование следната учебна година ќе ја почнат во нови објекти, во нови училишни клупи – рече тој.
Заев најави дека со Адеми, стручната јавност и со помош од меѓународните организации отворена е дебата за сериозни реформи во основното и во средното образование. Процесот нема да се избрзува за реформите да бидат соодветни за времето во кое живееме, но и за потребите на завршените ученици и пронаоѓањето работа.
Адеми истакна дека модернизацијата на образованието е цврста определба и врвен приоритет утврден во програма за работа на Владата. Новото училиште опфаќа површина од 2.125 квадратни метри, со капацитет од 600 ученици, односно по 300 во една смена. Училиштето има приземје, кат, подрумски простории, 12 училници, 6 кабинети, простор за наставниците, за библиотека и ги задоволува сите услови и стандарди за реализација на воспитниот образовен процес како што треба, на квалитетен начин.
– Инвестирањето е околу 60 милиони денари – 55 милиони денари за објектот и 3,4 милиони денари чини мебелот – потенцираше Адеми.
Градоначалникот Георгиевски рече дека новиот објект се отвора по повод јубилејот – 75-годишнината на патронот на училиштето.
Фото: Влада
912