Ако вашите деца се будат пред 6 часот наутро, големи се шансите да станат славни и богати. Барем според биологот Кристофер Рендлер, кој спровел истражување во разликата меѓу раното и доцното станување кај децата и влијанието што времето на будење го има врз нивниот успех подоцна во животот.
Како што тврди тој, кога станува збор за професионалниот успех, утринските типови луѓе ги држат важните карти. Односно, токму раното будење е заедничко за многу славни и успешни личности, пишува „Практикл парентинг“.
Така, извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, призна дека се буди во 3:45 и ги проверува е-пораките, додека Опра Винфри вели дека станува во 6:02 наутро секој ден заради размислување, медитација и вежбање пред почетокот на работата во 9 часот. Сепак, уште понеобична навика има актерот Марк Валберг. Тој тврди дека се буди во 2:30 за да вежба, да игра голф и да се моли.
Сето ова го заинтригирало Рендлер да покрене низа истражувања на оваа тема, а неговите резултати се прилично интересни. Покрај тоа, може да утешат многу родители кои „водат борба“ со своите мали ранобудници.
– Моите поодамнешни истражувања покажаа дека ранобудниците имаат тенденција да добијат подобри оценки во училиште, а тоа ги носи до подобри факултети, а тоа пак ги води до подобри работни места.
Исто така, моето истражување покажа дека утринските типови луѓе полесно ги предвидуваат проблемите и се обидуваат да ги сведат на минимум. Тие се проактивни – објасни овој биолог.
Со резултатите од ова истражување се согласува и професорот Петер Флеминг од Универзитетот во Бристол, Велика Британија, специјализиран за здравје и развој на доенчињата, и тврди дека бебињата што често и рано се будат најчесто имаат повисоко ниво на интелигенција и имаат подобро ментално здравје. Тој рекол дека постои јасна врска меѓу „многу високите нивоа на развојни и интелектуални постигнувања и неспиењето во текот на ноќта“.
– Децата не се дизајнирани за долго спиење. Тоа не е добро за нив и нема апсолутно никакви докази дека постои некаква корист ако детето подолго спие – тврди Флеминг.
912