Кога ја споделив идејата со колегата и со учениците, беа среќни што освен што дворот ќе изгледа убаво, ќе има и каде да си играат и да учат. Се договоривме да донесат нараквици и да се облечат во постари алишта, а по часовите започна нашата мала авантура. На почетокот го нацртавме заедно со креди, а потоа следуваше возбудата со боењето, вели одделенската наставничка Лила Арсова 

Колку малку треба за да се разубави секојдневието на децата во училиштата? Креда, четки за боење и многу желба на наставниците, децата и на нивните родители да се создаде убавина. Таков пример неодамна покажаа наставниците од ОУ „Васил Главинов“ од Велес. До интересна идеја дошла наставничката Лила Арсова – да го разубават дворот на нивното училиште, кој биле бетониран пред две години.

– Како и во повеќето училишта, и во нашето недостигаат нагледни и едукативни средства. Особено за помалите ученици на одморите или на часовите по физичко. Кога ја споделив идејата со колегата и со учениците, беа среќни што освен што дворот ќе изгледа убаво, ќе има и каде да си играат и да учат. Се договоривме да донесат нараквици и да се облечат во постари алишта, а по часовите започна нашата мала авантура. На почетокот го нацртавме заедно со креди, а потоа следуваше возбудата со боењето. Децата беа внимателни и со радост ја боеја секоја нова едукативна игра – објаснува Арсова.

Неизмерна радост се гледала на нивните лица додека ги создавале малите уметнички дела. Едвај дочекале да дојде наредниот ден за да се исуши бојата и да можат да почнат да ја играат едукативната „Скокни и заиграј“.

– Сега секој слободен момент на одморите почнува со весело скокање во лавиринтот. Освен што изгледа убаво, во дворот сега е и забавно и среќно. Детската игра и радост не стивнуваат. Во училишниот двор играта продолжува и во попладневните часови кога нема настава – раскажува наставничката.

Таа јавно им се заблагодарува на родителите што ги набавиле боите и четките за да може да траат детската игра и среќа.



912

X