Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Нутрико диет клуб
магистранд на Диететика
е-пошта: nutrikodietklub@gmail.com
веб: www.mojnutricionist.mk

Повеќе од авторот

Што претставува вкусот? Вкусот е резултат на хемиска реакција. Веднаш штом ќе каснеме одредена храна, можеме да го почувствуваме нејзиниот вкус. На јазикот, како и на некои други делови од устата и грлото, има групи од кожни клетки наречени телца за вкус. Многу од нив се наоѓаат во папилите на површината на јазикот. Само едно телце за вкус може да има и до сто рецепторни клетки. Секоја рецепторна клетка може да препознае по еден од петте вкуса — кисело, солено, благо, горчливо и умами. Лутото, всушност, и не е вкус бидејќи лутото ги дразни рецепторите за болка, а не телцата за вкус! Како и да е, рецепторните клетки за вкус се поврзани со сетилните нерви, кои пренесуваат сигнали до продолжениот мозок веднаш откако ќе се надразнат од хемиските состојки во храната.

Информациите за вкусот во мозокот се поврзуваат со информациите од другите сетила и прераснуваат во богато и пријатно искуство, поради кое ја сакаме храната.

Дразбите се здружуваат и ја обликуваат аромата

Устата не е единствениот орган што ни помага да ја вкусиме храната. Многу важна улога имаат и петте милиони рецептори за мирис во носот, со кои можеме да разликуваме околу 10.000 миризби. Се проценува дека околу 75 отсто од „вкусот“, всушност, ги создаваат мирисите.

Молекулите што ги испушта храната додека џвакаме и голтаме, а и оние што ги вдишуваме – влегуваат во нашата носна шуплина од задната страна. За да се создаде искуството на арома, мозокот ги поврзува информациите од сите тие сетила. Иако мислиме дека аромата настанува во устата, всушност, таа главно потекнува од „ретроназалните“ миризби, што ги детектираат рецепторите во нашиот мозок. Тие создаваат сеќавање што нè подготвува за следното искуство.

Вкусот може да се изгуби или намали

Сетилото за вкус, како и останатите сетила, со текот на годините слабее, но некои фактори на кои секојдневно сме изложени можат да предизвикаат прерано исчезнување на рецепторите за вкус на јазикот, резултирајќи со негово слабеење. Најчесто тоа е предизвикано од интензивни вкусови кои прерано се воведуваат во детската исхрана.
Солената и слатка храна, како и индустриски обработената храна која содржи адитиви и засилувачи на вкус, премногу ги заситува рецепторите на јазикот, кои се навикнуваат на интензивноста, така што со текот на времето ќе мора да се додава сè повеќе и повеќе за да се почувствува вкусот.
Затоа наместо сол и шеќер, во храната додавајте нивни замени, како што се растителните зачини и природните засладувачи.

Препорачувам на децата да им се даваат овошје и домашни колачи, кои се помалку засладени, а да се избегнуваат индустриските слатки.



912

X