Совети

Експертите предупредуваат: 7 знаци дека вашето дете е зависно од екрани

Дискусиите за децата и технологијата веќе се секојдневни теми, па многу родители едноставно ги игнорираат овие предупредувања. Меѓутоа, експертите нагласуваат дека кризата со менталното здравје на младите е во полн ек. Поновите истражувања покажуваат дека самата зависност од уредите е поопасна од вкупното време поминато пред нив бидејќи директно го зголемува ризикот од анксиозност и депресија.

Платформите на социјалните мрежи и видеоигрите предизвикуваат нагло лачење на допамин (хормонот за задоволство), па на детскиот мозок му е енормно тешко самостојно да притисне кочница. Зависноста кај нив брзо станува „нова нормала“.

7 знаци на зависност кај децата и тинејџерите

Доколку кај вашето дете го забележувате следново однесување, време е за реакција:

  1. Избегнување на реалниот свет: Детето свесно ги пропушта дружењата во живо, спортот, родендените, семејните патувања или вечери за да остане пред екранот.
  2. Агресија при поставување граници: Се појавуваат силен бес, револт или испади во моментот кога ќе побарате да го тргне уредот.
  3. Екранот како утеха: Детето ги користи телефонот или таблетот како единствен заштитен механизам за да се справи со емоции (на пример, вади телефон штом ќе седне во ресторан со семејството за да избегне социјализација).
  4. Пропуштање обврски: Намалување на успехот во училиште, бегање од часови или запоставување на личната хигиена.
  5. Промени во расположението: Забележителни знаци на вознемиреност, депресија и постојана напрегнатост.
  6. Физички промени: Нагли промени во телесната тежина, нарушување на сонот, постојан замор или чести главоболки.
  7. Губење интерес за сè друго: Кај помалите деца се појавува опсесивна преокупираност со екраните дури и кога тие се исклучени (постојано зборуваат само за тоа) и целосно губење интерес за класичните играчки.

Синдром на апстиненција

Кога родителите ќе се обидат драстично да им го намалат времето пред екран, децата често поминуваат низ период на апстиненција бидејќи нивниот мозок реагира слично како при одвикнување од пороци. Симптомите се:

  • Нервоза, здодевност и страв дека нешто пропуштаат (ФОМО).
  • Постојани мисли како да проверат профили на социјалните мрежи.
  • „Синдром на фантомски телефон“: Феномен каде што тинејџерите панично и несвесно ги проверуваат џебовите барајќи го телефонот иако не е таму.

Добрата вест: Оваа криза е краткотрајна и трае од неколку дена до најмногу една недела. Веднаш потоа се гледаат огромни придобивки: подобар сон, повеќе енергија, пад на анксиозноста и будење на креативноста.

Како родителите да ја вратат контролата во свои раце?

  • Заеднички правила (без радикални укинувања): Седнете со децата и договорите разумни правила. Наместо тотална забрана, поставете фиксни рамки (на пример: нема телефони за време на јадење или по 21 часот). На почетокот користете ги тајмерите на самите апликации.
  • Покажете им дека има живот и надвор од екраните: Наместо да ги казнувате со седење дома без уреди, организирајте позитивни активности: прошетка во природа, возење велосипед, посета на библиотека или спортски натпревар. Децата мора да видат дека реалниот свет е забавен.
  • Прифатете ја здодевноста: Кога детето ќе се пожали дека му е „многу досадно“ без телефон, не паничете. Здодевноста е неопходна за развојот на детскиот мозок. Тоа неструктурирано време е темел за креативност, решавање проблеми и емоционална стабилност.
  • Бидете пример со сопственото однесување: Најтешкиот, но најважен чекор. Децата ги копираат навиките. Ако вие постојано го проверувате телефонот или работите на компјутер пред нив во приватни часови, не можете да очекувате тие да постапат поинаку. Поставете граници и за себе.

Кога да побарате помош? Ако промените во расположението се екстремни, детето се повлекува во себе и секој обид за разговор завршува со долготраен бес, нема место за срам – консултирајте се со педијатар, стручно лице (педагог, психолог) или терапевт.

Избор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top