Ако мислевте дека вештерка е збор што означува лоша маѓепсница, мислам дека е време да ја прочитате книгата „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ од нашата суперзабавна авторка Билјана Црвенковска. Така се верувало некогаш, кога луѓето не ги анализирале доволно зборовите и буквално ги злоупотребувале. Ај, погледнете уште еднаш: па нели во зборот „вештерка“ се состои и зборот „вешт“? А „вешт“ воопшто не е злобен збор, напротив. Во тоа ќе ве увери нашата умница од споменатата книга, која е малку тајновита и сака низ игра да ѝ го откриете името. Само ќе ви каже дека омилена боја ѝ е зелената (внимателно анализирајте ги зборовитеее! 😉 ). Мммм…

Е па мистериозната умница и нејзината мачка Лу ги исполнуваат сите предуслови да бидат супервештерки. Но, тоа не се станува тукутака. Сè се учи, па така и оваа моќна преобразба. И ете ги двете како им пркосат на авантурите…

Откако ги совладуваат и правилата за летање содржани во Прирачникот за летање со стил, го јавнуваат магичниот скејтборд и тргнуваат во лов на доживувања. И пред нив ширум се отвора маалскиот парк – Зеленпарк.

Зеленпарк е „Дизниленд“ за маалските деца и миленици. Него го чува, верувале или не, споменикот на познатиот поет Јован Синоцветски. За овој поет се зборувало дека ненадејно исчезнал, бидејќи бил маѓепсан од самовилата што живеела во Зеленпарковско Езеро. Ете ти одлична можност да се истражи овој случај… а супервештерката и нејзината мачка веќе се на пат со голема амбиција.

Долетуваат во станот на славниот маалски писател, ама не се први. Хммм… Девојчето малку се лути и се мршти што некој ѝ се смешал во работата. А, впрочем, тука стекнува партнери во потрагата по одговорите за оваа мистерија. Се запознава со Павел и неговото куче Гандалф. Стекнувањето меѓусебна доверба не е баш лесен процес, но затоа ќе си ја прочитате книгата и ќе видите како се одвивало тоа. Плус, немој да мислите дека сте само обични читатели, да не речам готовани. Не, не… И тоа како сте им потребни на супервештерката и на Павел зашто нивната работа воопшто не е лесна и наивна. Само да видите какви сè волшебни нешта се случуваат…

Затоа, не пропуштајте ја книгава бидејќи инаку ќе пропуштите одлична забава. Таа е отворена за дружба со вас: внатре можете да допишувате, доцртувате, да ги боите живописните цртежи, да ви биде споменар (а со оглед на тоа што е магична, никој не ќе може да ви ги прочита тајните што ќе ги скриете внатре 😉 ). Самоуверено тврдам дека толку ќе ви стане омилена, што ќе ви се залепи за рацете, ќе ви ги заземе мислите и најважно од сè – ќе ве направи супервештер(к)и. Хихихих…



912

X