Деца што не ги примиле вакцините од редовниот календар нема да бидат запишани во градинка, вели министерот за здравство Венко Филипче.
– Измените на Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој веќе излегоа во „Службен весник“ и според нив, нема да се запишуваат невакцинирани деца во овие установи – вели Филипче.

Измените на Правилникот ги направило Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Според нив, во досието што се води за детето треба да има податоци за здравствената состојба на детето што ги пополнува и заверува матичниот лекар на детето при запишување во детската градинка/центар за ран детски развој, како и за секоја воспитна година во која детето престојува во детската градинка/центар за ран детски развој. Податоците содржат: име, презиме, датум и место на раѓање на детето, податоци за вакцинален статус и примени вакцини и општи податоци за неговата здравствената состојба, име, презиме, потпис и факсимил на матичниот лекар, податоци за контакт и датум на пополнување.

– Измените значат дека нема да се запишуваат во градинка деца што не ги примиле редовните вакцини – објаснуваат од МТСП.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денес изјави дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидемија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за кои нема да биде доставен картон за вакцинација.



912

X