Златен, сребрен и бронзен медал освоија македонски млади балерини од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ на традициониот меѓународeн балетски натпревар во Сараево, кој се оддржа од 21 до 23 мај. Македонија за прв пат зеде учество на натпреварот и беше претставена со двете класи на проф. Соња Здравкова-Џепаровска. Се претстави како репрезентативна школа со врвна техника, а од стручната јавност беа издвоени особената уметничка интерпретација на учениците.

Виолета Карајанова

Овој натпревар е специфичен по својот фокус кон ученичката популација. Горната граница за учество е последната година во балетските училишта. Во Сараево се натпреваруваа ученици од над дваесетина балетски училишта со стотина натпреварувачи. Учениците се поделени во 9 категории според возраста, a учесниците од основните балетски училишта се натпреваруваа со балетски час во кој задолжително треба да бидат интегрирани одредени елементи и движења според наставната програма. Учениците од средните училишта треба да изведат две варијации од класичниот балетски репертоар, една од задолжителната листа која ја дава организаторот и една варијација по слободен избор.

Мартина Димовска

Виолета Карајанова освои златен медал во последната осма категорија со речиси максимум освоени поени. Таа со беспрекорна техника и сценски шарм ги изведе варијациите од балетот „Оревокршачка“ и „Арлекинада“. Карајанова која оваа година го завршува школувањето веќе се наметнува како потенцијал на кој треба да смета македонскиот балет бидејќи веќе сега во својата биографија има забележено неколку изведби на солистички улоги со професионалниот ансамбл на МОБ, но и повеќе награди на меѓународни натпревари.


Ученичката Мартина Димовска освои сребрен медал со изведбата на варијациите од „Дон Кихот“ и „Бајадера“. Нејзината изведба покрај техничката чистина и сигурност го карактеризира сценска харизма која беше потенцирана од аудиториумот. Димовска е исто така добитник на многубројни меѓународни награди во делот на класичниот балет и модерниот танц.
Малите балерини од основниот оддел кои настапија во шестата категорија добија сребрен медал. Леонтина Карчева беше индивидуално издвоена и неа и беше доделен бронзен медал во конкуренција на сите од дадената категорија.


Како што посочува педагогот Здравкова-Џепароска особено е значајно Македонија да е присутна на балетските натпревари од една страна да го покаже својот потенцијал и да добие меѓународна валоризација, но едновремено секој натпревар е стимул за учениците за што попосветена работа и реализација на предизвиците кои се поставуваат пред нив.
Натпреварот е стрикно фокусиран на класичниот балет за разлика од многу други кои даваат поширока палета на изведувачки техники.



912

X