Алесио е роден во Швајцарија. Имавме ресивер од македонски оператор за да бидеме во тек со настаните во Македонија. Алесио така почна да ги учи буквите на кирилица, самиот, вели таткото Томас Фератов
Основното училиште „Св. Климент Охридски“ во делчевско Тработивиште постои речиси еден век. Годинава првпат има толку талентирано дете кое морало да прескокне едно одделение.
Седумгодишниот Алесио Фератов наместо во клупите со вторачињата, седи со оние од трето одделение. Сите се во иста училница, седум ученици учат во комбинирана паралелка. Три во второ, четири во трето одделение.
Во старото селско училиште нè пречекаа наставниците, учениците, а меѓу нив и малиот Алесио и неговиот татко Томас. Сите се горди на успесите на Алесио. Тој ќе остане запаметен како детето што прескокна едно одделение.
Сака да биде научник
Наставничката Весна Димитровска ни раскажа дека Алесио го запознала оваа учебна година кога требало да биде второ одделение. Но, уште на првиот час сфатила дека тој знае сè.
– Му беше досадно, буквално немаше нешто што веќе не го знаеше од материјата што ја учевме. Сфативме дека треба да го префрлиме во трето. Разговаравме со педагогот и родителите. Не згрешивме. Покажува одличен успех, најдобар е во класот. Математиката најмногу му оди, а сака да биде научник – вели неговата наставничка.
Алесио е срамежливо момче кое не сака премногу да се истакнува, но штом се спомнат учење и книги, ја крева главата и широка насмевка му го грее лицето. Ни вели дека сам научил да чита и да пишува кога имал четири години. Ние сме зачудени, а наставничката гордо се смешка. Татко му Томас ни ја потврдува информацијата.
– Алесио е роден во Швајцарија. Имавме ресивер од македонски оператор за да бидеме во тек со настаните во Македонија. Алесио така почна да ги учи буквите на кирилица. Еден ден гледавме вести, а долу под сликата течеа информации. Алесио почна да ги чита буквите. Имаше само четири години. Никој не му кажал ниту една буква. Со сопругата се изненадивме. За неколку недели веќе почна сè да чита – раскажува татко му.
Алесио покажувал интерес за учење од многу мала возраст, особено за математика и природни науки. Наставничката Димитровска вели дека на овој мал гениј беспрекорно му одат сите предмети, но најмногу ја сака математиката.
– Сакам да бидам научник, да правам експерименти – ни вели срамежливо Алесио.
Алесио со наставничката Весна Димитровска
Одлично зборува македонски, германски и англиски јазик, а малку разбира и ромски
Алесио прво одделeние завршил во Швајцарија. Кога се вратиле во Тработивиште, се запишал во второ. Тој зборува македонски, германски и англиски јазик, а малку знае и ромски.
– Иако сме Роми, дома го зборуваме македонскиот јазик, па затоа Алесио не зборува баш најдобро. Всушност, македонскиот му е мајчин јазик – вели татко му Томас.
Тој, пак, 23 години ги поминал на работа во Швајцарија. Зборува англиски, германски, италјански, ромски, македонски и српски јазик. Во Македонија се вратиле откако зел инвалидска пензија поради повреда, а и не бил задоволен од условите во кои учел Алесио.
– Многу талентирано дете е, сака да прави експерименти, сам измислува некои работи. Срам ми е да кажам, ама и мене ми дава совети кога ми требаат. Тој одеше две години во Цирих во градинка и прво одделение во училиште. Ќе бидам искрен, не ми се допаѓаше како му влијаеше средината, конкретно во неговото училиште. Немаше дисциплина, многу нации и народности на едно место собрани. Јас сум космополит, но тоа таму не ми се допаѓаше. Тоа е причината што се вративме да учи тука – раскажува Томас.
Знае да преинсталира цел компјутер
За одлуката Алесио да скокне едно одделение, смета дека е вистинска бидејќи во спротивно ќе имало негативен ефект врз детето.
– Алесио е интелигентно момче, љубопитно, сака да учи. Се мачеше во второ на почетокот, секој ден кажуваше дека нема што да прави и што да учи. Верувајте, прави чуда со компјутерите, знае да преинсталира цел компјутер, а разбира и софтверски операции – раскажува Томас.
Алесио и татко му Томас
Алесио ќе остане да живее во Тработивиште додека не го заврши основното образование, а за средношколското можеби ќе ги сменат плановите.
– Не знам што ќе биде понатаму, засега остануваме тука. Ќерката ми е во Швајцарија, таму учи, има 18 години.
Ќе одиме летово да ја посетиме, а и Алесио да биде повторно во контакт со јазикот – завршува татко му.
912