Според психолозите, употребата на телефони на училиште треба да биде лимитирана, а за време на наставата недозволена, во интерес на правилниот психофизички развој на децата

Додека трае часот, си играат игри, се допишуваат со другарите, се сликаат и се снимаат… Ова го прават ученици додека се на настава, не се сконцентрирани на материјата што се предава, не учествуваат во часот. Некои наставници и професори умеат да се справат со оваа појава, но нивни колеги не можат. Психолозите, пак, се на ставот – употребата на телефони на училиште треба да биде лимитирана, а за време на наставата недозволена, во интерес на правилниот психофизички развој на децата.

Учениците не се присутни

Смартфоните се неопходност во денешното живеење и дејствување, но нивната употреба треба да биде ограничена, смета наставничката по македонски јазик Марија Костовска во училиштето „Блаже Конески“ во Општина Аеродром.
– Се поставува прашањето дали смартфоните им се неопходни на учениците во училиште? Моето искуство како наставник и професор покажува дека тие само им го одземаат вниманието на учениците за време на часот. Нивната концентрација е намалена, а исто така се и целосно дефокусирани. Јас практикувам пред почетокот на мојот час учениците да ги исклучат своите смартфони и да ги стават во кутија. Со примена на ова часот тече непречено, учениците се фокусирани на наставната единица, а ефективноста во реализацијата на наставната содржина е беспрекорна. Но, мислам дека ова е само привремено решение. Според мене, Министерството за образование треба да донесе Правилник за употреба на мобилните телефони за време на наставниот процес, во кој би имало точно определени услови под кои би можел да се користи телефон – смета Костовска.

Телефонот влијае врз когнитивниот развој на детето

Психологот Фросина Денкова-Зафировска смета дека прашањето за употребата на мобилните телефони за време на час станува многу актуелно, а одговорот  треба да биде убаво образложен и аргументиран.
– Работите не се воопшто црно-бели, особено имајќи предвид дека живееме во време на динамичен технолошки развој и технологијата е составен дел од нашето секојдневие, која првенствено имајќи цел да го олесни нашиот живот, длабоко навлезе во секоја пора од него и како преку ноќ да станавме вистински технолошки зависници. Употребата на мобилните телефони во училиште сметам дека треба да биде лимитирана, за време на наставата и недозволена, а аргументите за ваквиот став се во прилог на превенција на целокупното психофизичко здравје на учениците. Користењето мобилен телефон за време на часот може да ја загрози наставата преку негова злоупотреба во форма на снимање и фотографирање, а дополнително мобилниот претставува сериозен одвлекувач на вниманието на ученикот, притоа оневозможувајќи му да ги следи предавањата и активностите, а со тоа и можноста да учи за време на час (додека е на училиште) – вели Денкова-Зафировска. Притоа се намалува и концентрацијата и фокусот на ученикот кон она што се случува во училницата, а сето тоа влијае и врз севкупниот когнитивен развој, додава таа.

Повеќе ќе се дружат и смеат

Забраната за користење на мобилните телефони позитивно ќе влијае врз емотивниот развој и поголема социјализација помеѓу учениците, а и значително ќе ја подобри комуникацијата лице в лице, која се чини ѝ го отстапи местото на виртуелната комуникација, додава психологот.
– Некако на сите им стана полесно комуникацијата на сензитивните и емотивно исцрпувачките пораки почесто да ја прават преку апликациите за комуникација и социјалните мрежи. Исто така, намаленото користење на мобилни телефони ќе има сериозен импакт и врз врсничкото насилство, особено во делот на сајбер-булингот. Кога не би биле постојано со телефоните в рака, би имало повеќе дружба, повеќе смеа и значително подобрување на интерперсоналните вештини помеѓу учениците. Секако, целосното исклучување на мобилните телефони за време на престојот во училиште можеби и не е вистинско решение – вели психологот.

 

Потребно е добро осмислено системско решение

Според неа, голем ќе биде отпорот на родителите ако оваа комуникација биде целосно оневозможена.
– Има поделени мислења и некои како аргумент ја земаат споредбата со функционирањето и комуникацијата во минатото кога мобилните телефони воопшто не биле присутни или барем не кај помладите и за време на наставата. Сепак, ова е друго време и работите се значително променети. Мобилните телефони едноставно станаа вистинска потреба. Ако ваква одлука би се вовела кај нас, сметам дека решението треба да биде системско, добро осмислено и пред сè соодветно и убаво искомуницирано. Важно е и учениците да се вклучат во овој процес преку дебати и уважување на нивното мислење, фокусот да не се става на забраната, туку на придобивките од оставањето на мобилните телефони настрана при часот, а родителите и наставниците ги гледаат како вистински сојузници во спроведувањето на ова решение – смета психологот.
Според Денкова-Зафировска, не може да се очекува дека одлуката за забрана за употреба на мобилни телефони за време на наставата ќе биде лесно спроведлива во практика, особено ако учениците во останатиот дел од времето се постојано со мобилниот телефон в рака.

– Одлуката за лимитирано користење на мобилните телефони треба да се направи и спроведе многу порано. Денес, се соочуваме со нивно неконтролирано користење уште од најрана возраст и затоа нивната забрана одеднаш за време на училиште би била неприродна и тешко остварлива. Затоа сметам дека контролата треба да започне многу порано, во домот и семејството и под надзор на родителите. Сепак, тие се деца и родителите мора да користат различни механизми и да ја имаат контролата над сè што значи виртуелна комуникација (социјални медиуми, Вајбер и слично), односно со кого и колку нивното дете „виртуелно комуницира“ – вели Денкова-Зафировска.

Каде се забранети телефоните во наставата?

Француската влада пред повеќе од една година им забрани на учениците да користат мобилни телефони во основните и во средните училишта во земјата. На децата им е дозволено да ги носат своите телефони на училиште, но не смеат да ги користат ни за време на паузите.
Франција не е единствената држава во која е забранета употребата на телефони во училиштата. Во 2016 тоа го направи и израелската влада, а истото во 2018 го направи и австралиската влада. Забрана за употреба има и во некои училишта во Канада, како и во САД.



912

X