Апелирам родителите да се потрудат и да одвојат малку време наутро за да појадуваат заедно со своите деца
Колку пати сме слушнале дека појадокот е најважниот оброк во текот на денот? Постојат неоспорливи докази дека тоа е точно, особено за децата. Добро избалансиран појадок ги зголемува умствените и физичките способности на децата во училиште. Едноставно речено, квалитетниот појадок им обезбедува на децата доволно енергија во текот на денот, воедно и доволно нутритиенти за правилен раст и развој.
Добриот појадок ги зголемува концентрацијата кај децата во училиште и мотивацијата да совладаат ново градиво.
Децата имаат поголеми потреби од резерви на енергија. Тие генерално спијат подолго од возрасните и имаат подолг период на „гладување“ во текот на ноќта, затоа квалитетниот појадок има посебна важност бидејќи треба да обезбеди доволно енергија за оксидација на гликозата.
Наутро кога нивото на гликоза е ниско, се излачуваат одредени хормони како адреналинот и кортизолот и можат да предизвикаат иритабилност или безволност. Тоа понатаму влијае врз концентрацијата на децата и врз способноста да учат. Долгорочно, таквата состојба се одразува и врз севкупното здравје.
Постои поврзаност на квалитетниот појадок со менталното здравје на децата. Целозрнестите житарки што се богати со Б-витамин и млечните производи влијаат врз мозочната функција. Истражувањата покажаа дека појадок што содржи разновидни групи намирници што го зголемуваат не само енергетскиот туку и нутритивниот внес на почетокот на денот води кон подобро здравје и подобри резултати во училиште.
Потребно е да се напомене дека децата што го прескокнуваат појадокот подоцна во текот на денот повеќе бараат да јадат слатка храна, која има многу енергија, односно „празни“ калории, а малку нутритиенти. На тој начин се создаваат лоши прехранбени навики, кои многу тешко се менуваат. Исто така, недостигот на енергија и на хранливи материи наутро не може никако да се надополни подоцна во текот на денот. Затоа практикувањето квалитетен појадок кај децата е многу важно.
За жал, прескокнувањето на појадокот е многу честа појава. Се смета дека речиси 30 отсто од децата не појадуваат. Причините се вообичаено лошо планирање на времето или недостиг на апетит кај децата. Но најчесто тоа е поврзано со влијанието од родителите. Не може да очекуваме децата да го практикуваат појадокот ако родителите не појадуваат!
Затоа, знаејќи ја важноста на појадокот за здравјето на децата, апелирам родителите да се потрудат да одвојат малку време наутро за да појадуваат заедно со своите деца. Поради трката со времето наутро, добро е да се потсетиме дека оброкот може да се подготви и претходната вечер.
912