Веселото и разиграно дете со ведар дух и динамичен темперамент има многу интереси, а најголем засега му е цртањето
Максим Чаушевски има девет години и учи во „Љубен Лапе“ во Аеродром. Ова дете црта од тригодишна возраст, а кога неговите родители го однеле во ликовно студио, им било кажано дека тој црта како што цртаат децата од деветто одделение. Максим има многу интереси и љубови, а една од нив е да црта како големиот Леонардо да Винчи.
– Интерес за цртање Максим пројави на тригодишна возраст. Забележавме дека кога црта е мирен и дека преку цртањето најдобро се изразува. Ако нацрта светол, разигран цртеж, тоа значи дека е добро расположен. Ако цртежот е темен, во темни бои, тогаш е нерасположен. Никој дома не работи со него, освен што еднаш во неделата оди на цртање кај уметникот Тони Шулајковски, и тоа оди за да го развива талентот. Татко му е архитект, па и тој кога бил дете цртал многу убаво. Исто така, и баба му е архитект, неговиот дедо е уметник, а и моите сестри цртаа убаво, но не го развиваа талентот. Така што, не е чудо генетиката да си ја одиграла својата улога во случајот со Максим – вели мајка му Александра.
Семејството Чаушевски
Максим го интересираат различни области – историја, стари цивилизации, планети, а сака и бајки.
– Максим е емотивно дете, многу е правичен и секаде бара правда. Понекогаш непотребно се оптоварува со ситници. Инаку е весело и разиграно дете, има ведар дух и динамичен темперамент, брзо се лути, но и брзо простува. Го воспитуваме добро да се однесува. Да внимава на хигиената, и личната и на онаа во околината, да им помага на луѓето, да истражува. Најважно при воспитувањето е да биде добро дете, да умее да препознава добро и лошо, да внимава при носењето одлуки, да биде среќен и искрен прво кон себеси, а потоа и кон другите – вели Александра.
Таа и нејзиниот сопруг го поддржуваат и го мотивираат да чекори по патот што самиот си го избира.
– Го учиме да биде упорен во сè, никогаш да не се откажува. На натпревари досега не учествувал, освен што има добиено две дипломи за запознавање со уметноста на животот од ликовното студио „Арс Вивенди“. Освен тоа, има добиено и две дипломи за детски турнир во црвен тенис, а исто така има и две дипломи за скијање на тригодишна возраст – додава Александра.
Максим вели дека освен што сака да црта, обожава и да скија, и тоа по стрмни ски-терени, сака тенис, пливање, но ја сака и историјата и се интересира за древните цивилизации.
– Ги сакам игрите со другарите. Најдобри ми се Дарио, Павел и Марко. Кога надвор е топло, играме брканица, криенка или фудбал, а кога студи, одиме на различни спортски активности. Ако имаме време, играме „Фортнајт“ на компјутер. Кога се враќам од училиште, одам на тенис или на цртање, зависно што имам дента по распоред, а се дружам и со моето помало братче Андон. Во саботите со мама и тато гледаме добар филм на ДВД, или, пак, одиме на кино, а во недела одиме во црква. Сакам и да јадам шпагети со болоњезе сос или хамбургер, како и моите другари – раскажува Максим.
Ова дете вели дека сака да помага. А кога ќе порасне…
– Сакам да смислувам машини и да ги цртам, исто како и згради, па затоа сакам да бидам архитект. Но исто така сакам да шетам и да истражувам. Сепак, сон ми е да станам сликар над сликарите, како Леонардо да Винчи – завршува Максим.
Со другарчињата
912