Учениците на почетокот од деветтата година на основното образование често чувствуваат страв од светот на возрасните што им се наметнува. Ако секој ден започнувате разговор со прашањето за среднo школo, детето може несвесно да почне да се повлекува. Додека некои деца од мали знаат дека сакаат медицинско училиште, гимназија или уметничко, голем број деветтоодделенци немаат претстава за тоа со што сакаат да се занимаваат во иднина. Првата реакција на родителите често е грижа, која со текот на времето може да прерасне во притисок во вид на реченици: „Мораш сега да знаеш за да се подготвуваме“, „Треба да одлучиш“, „Времето минува“.
1. Намалете го притисокот, деветтото одделение штотуку започна
На почетокот од завршната година од основното образование ученикот се соочува со големи очекувања. Ако секојдневно отворате прашања за средното училиште, создавате контраефект. Дајте му простор. Ставете му до знаење дека е во ред што сѐ уште не знае што точно сака и дека имате време заедно да ги истражите опциите.
2. Разговарајте за интересите, а не за професиите
Наместо прашањето: „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, фокусирајте се на тековните интереси и таленти што детето ги покажува:
- Дали често го поминува времето цртајќи, поправајќи работи, пишувајќи или решавајќи логички задачи?
- Кои предмети во училиштето ги учи со леснотија, а кои потешко ги совладува?
- Во кои воннаставни активности најмногу ужива?
Со поврзувањето на сегашните хобија со потенцијалните насоки во средните школи, ќе му помогнете појасно да сфати што го интересира.
3. Истражувајте заедно, без наметнување на сопствените амбиции
Една од најчестите грешки на родителите е проекцијата на сопствените неостварени желби или инсистирањето на „сигурни и профитабилни“ занимања што воопшто не му одговараат на детето.
Искористете ги есенските месеци заедно да ги разгледате конкурсите и опциите за упис во средните школи. Проверете ги профилите на училиштата, проучете ги предметите и разговарајте за тоа што им звучи привлечно.
4. Искористете ја стручната ориентација
Повеќето основни училишта организираат активности за професионална ориентација преку училишниот психолог или педагог. Овие насочувања се одлична алатка, тие не даваат конечен одговор, но многу прецизно ги дефинираат детските склоности (на пр., работа со луѓе, технички науки, уметност, администрација…).
5. Фокусирајте се на редовно учење
Најдобриот начин детето да си обезбеди слобода на избор во јуни е добар успех во сведителството и континуирана подготовка. Наместо да трошите енергија на расправии за тоа што ќе запише, насочете ја енергијата кон тоа да го мотивирате 9. одделение да го заврши со добри оценки и силна основа.
Вашата поддршка е многу важна
Уписот во средно училиште е првата голема крстосница во животот на вашето дете. Она што му е сега најпотребно е сознанието дека не сте тука за да носите одлуки наместо него, ниту да го критикувате, туку да го водите и поддржите низ овој процес. Бидете трпеливи, слушајте го она што ви го зборува, како и она што не ви го зборува.
Доколку забележите дека вашето дете покажува изразена вознемиреност, одбивање на училиштето или преголем страв од неуспех и упис, побарајте совет од училишниот психолог или педагог. Стручната поддршка е секогаш добредојдена во зачувувањето на менталното здравје и добросостојбата на децата во овој чувствителен период.