Кога децата ќе пораснат, многу родители почнуваат поинаку да ги гледаат годините поминати во грижа за нив. Она што некогаш изгледало како огромен проблем, подоцна се чини сосема неважно, додека некои одлуки за кои постоел сомнеж дури со годините ја покажуваат својата вистинска вредност.
Авторката Ени Ренео, чие најмладо дете наполни 18 години, пишува токму за ова. По 26 години родителство, таа истакнува дека денес многу појасно гледа што навистина било важно, а што не вредело за толкав страв и преиспитување.
Кога би можела да се врати во времето кога тукушто станала мајка, еве кои пет лекции би сакала да ги знаела:
1. Односот со детето е поважен од сè друго
На почетокот на родителството ретко кој точно знае што прави. Постојат книги, совети и искуства, но ниту едно дете не доаѓа со упатство за употреба. И покрај сè, Ренео од почетокот имала едно правило: без разлика на проблемите, фазите на растење и фрустрациите, односот со децата мора да остане на прво место.
Години подоцна токму таа одлука се покажува како една од најдобрите. Проблемите доаѓале и минувале, но блискоста останала, овозможувајќи им денес искрено да уживаат во заедничкото време. Родителот не може да ја спречи секоја грешка, но односот во кој детето знае дека секогаш може да се врати е најважната сигурност.
2. Веројатно сте многу подобар родител отколку што мислите
Едно од најчестите чувства во родителството е постојаниот сомнеж: Дали постапив правилно? Дали бев премногу строг? Совршен родител не постои, како што не постои ни детство без проблем. Грешките се неизбежни, а она што е многу поважно е како родителот реагира на нив, дали го слуша детето и дали останува присутно. Ренео денес би си порачала да се сомнева помалку во сопствените способности.
3. Не чувајте само фотографии, запишувајте работи
Денес имаме илјадници фотографии и видеа во телефоните, но тие често не можат да забележат како се однесувало детето во одреден возраст, отворените прашања, стравовите или малите промени во однесувањето. Сеќавањата стануваат непрецизни. Водењето едноставни белешки или кратки записи со времето добива непроценлива вредност и помага да се разберат одредени обрасци од детството.
4. Не мора да попуштите само затоа што „сите други го имаат“
Кога децата имале 11 или 12 години, сакале мобилен телефон како и повеќето нивни врсници, а таа одлучила да почека иако се сомневала дали постапува правилно. Сепак, не попуштила. Подоцна, кога влегле во доцните тинејџерски години, децата сами ѝ се заблагодариле што не им дозволила да добијат телефон прерано. Ова е потсетник дека родителот не мора автоматски да ги менува границите само затоа што детето е незадоволно или затоа што другите прават поинаку.
5. Вложениот труд еден ден добива смисла
Родителството знае да биде исцрпувачко, но помеѓу непроспаните ноќи и секојдневните обврски постојат моменти кои сè друго фрлаат во сенка: смеа, прегратки, први успеси и гледање како детето станува самостојна личност. Кога најголемиот дел од патот ќе остане зад вас, станува јасно колку време и љубов се вложени.
На крајот, не мора во секој момент да знаете точно што правите. Важно е дека сте тука, да се трудите, да слушате и да го градите тој посебен однос.