Со почетокот на школската година многу родители се соочуваат со истата ситуација: детето доаѓа дома и бара нови патики, шише за вода или нешто што го видело кај своето другарче.
Оваа детска завист е природна реакција. Во тинејџерските години чувството за сопствен идентитет сè уште се гради, па предметите и брендовите за децата често претставуваат симбол на припадност во друштвото.
Како се манифестира зависта кај децата?
Зависта кај децата и младите може да се појави на различни начини:
- Поплаки за она што го немаат и споредување со другите.
- Опоменување или омаловажување на работите што ги имаат нивните соученици.
- Изливи на бес и плачење (кај помладите) или повлекување и раздразливост (кај постарите).
- Пад на самодовербата и страв од отфрленост.
Како да му помогнете на детето со разговор?
- Нормализирајте го чувството: Објаснете му на детето дека зависта е нормална човечка емоција што ја чувствуваат и возрасните и дека самото тоа не го прави „лоша личност“.
- Разграничете ги потребите од желбите: Научете го детето дека постои разлика меѓу она што му е навистина потребно и она што е само моментална желба.
- Разговарајте за вредноста на парите: Објаснете ги семејните приоритети. Наместо само да кажете „немаме пари“, поразговарајте за тоа дека семејството избира да вложува во доживувања, едукација и важни работи, наместо во ситници.
- Укажете на влијанието на рекламите: Објаснете им ги триковите на маркетингот и социјалните мрежи кои ги убедуваат луѓето дека мора да поседуваат сè.
- Фокусирајте се на трајното задоволство: Потсетете го детето на работи што претходно ги посакувало, а сега само собираат прашина.
Дали попуштањето е добра опција?
Не треба да попуштате на секое барање, но сосема е во ред повремено да му купите нешто што искрено го радува, доколку тоа е во согласност со вашите можности и вредности.
Исто така, одлична стратегија е да му дозволите на детето самo да заштеди или да заработи дел од парите за посакуваниот предмет, така многу повеќе ќе ја цени неговата вистинска вредност.