Совети

Зошто никогаш не треба да му го одземете телефонот на вашиот тинејџер како казна

Воспитувањето тинејџери дефинитивно не е лесна задача. Додека за помалите деца лесно се смислуваат казни, дисциплинирањето во адолесценцијата е многу поголем предизвик. Секако, се надеваме дека трудот вложен во нивното раното детство се исплатил и дека тие веќе знаат што е правилно, а што погрешно.

Сепак, тинејџерите сè уште учат и живеат во свет исполнет со притисок, кој е сосема поинаков од она што ние го искусивме на нивна возраст. Нормално е да згрешат. Но, кога ќе направат грешка, кој е вистинскиот чекор? Една од најчестите реакции на родителите е одземање на телефонот.

Според психологот д-р Кам Касвел, ова всушност е најлошата работа што можете да ја направите.

Зошто одземањето на телефонот не функционира?

Наместо да ги подобрат фокусот и продуктивноста, да постават граници или да преземат одговорност, родителите постигнуваат сосема спротивен резултат: создаваат расеаност и стрес, разгоруваат револт и недоверба и ги учат децата да кријат.

Еве ги клучните причини зошто оваа мерка е погрешна:

  1. Тие немаат шанса да научат самоконтрола: Тинејџерите научуваат да го управуваат времето поминато пред екранот преку вежбање, исто како и секоја друга вештина. Кога ние целосно го контролираме тоа наместо нив, тие никогаш ја немаат таа можност. Исто така, бесот што го предизвикуваме со казната ги прави помалку подготвени да не слушаат кога навистина имаме нешто важно да им кажеме.
  2. Ефектот на „забрането овошје“: Колку е потешко да се добие нешто, толку повеќе го посакуваме, а тоа важи и за возрасните. Искуството покажува дека тинејџерите кои се под најстроги ограничувања на телефонот се всушност најзависни од своите уреди.
  3. Екранот ретко е вистинскиот проблем: Желбата за постојано време пред екранот често е симптом на подлабок проблем, како што се стресот, осаменоста или тешкиот ден за кој детето не знае како да зборува. Одземањето на телефонот го прекинува тој процес и ја отстранува единствената алатка со која децата се справуваат со стресот (како пишување пораки до пријател или слушање музика).

Како што заклучува психологот: „Откажувањето од нашата вообичаена казна ни е непријатно нам, исто колку што им е непријатно ним откажувањето од телефонот. Но, одземањето на телефонот е само фластер на рана. Тоа ја смирува ситуацијата за една вечер, а вистинскиот проблем го остава точно таму каде што бил.“

Извор

Поврзани написи

To top