Совети

Дали дигиталниот свет ни ги „замрзнува“ емоциите пред децата?

Психолозите имаат спроведено еден многу важен и длабок експеримент познат како „Still Face Experiment“ (Експеримент со замрзнато лице), кој го разви д-р Едвард Троник.

Во овој експеримент мајката најпрво остварува топла и емоционална интеракција со своето бебе, се смее, разговара со него и игра. Меѓутоа, во еден момент мајката се врти и се враќа со целосно замрзнато лице и неутрален израз, гледајќи директно во своето дете.

Што се случува со детето?

  • Очајнички обиди за контакт: Во почетокот детето се смее, гуга и се обидува да ја врати реакцијата и насмевката кај мајката.
  • Губење контрола и страв: Кога детето ќе сфати дека лицето на мајката е замрзнато и дека нема емоционален одговор, почнува да губи контрола, да плаче и да покажува знаци на огромен страв и вознемиреност.
  • Враќање на сигурноста: Кога мајката повторно ќе го врати своето насмеано лице и ќе воспостави контакт, детето се смирува.

Живееме ли во експеримент со „замрзнати лица“?

Денес многу родители се соочуваат со слична реалност, но овој пат без сопствена намера. Заглавени во секојдневните обврски, со поглед насочен во мобилните телефони и екраните, родителите често реагираат механички на прашањата на децата, со кратко „мхм“ или „аха“, без вистинско присуство и внимание.

Кога нема време за длабока интеракција, истражување на детскиот свет и емоционално поврзување, децата стануваат поанксиозни, почесто плачат и викаат.

Важна порака: Сите детски изливи на бес, анксиозност или гласни реакции често се само очајнички обид да нè разбудат нас, возрасните, од нашиот дигитален, „замрзнат свет“ и да нè вратат назад во емоционалната врска која им е неопходна.

Поврзани написи

To top