Може ли еден родител да биде премногу добар или претерано заштитнички настроен? Одговорот е – да. Во психологијата и во воспитувањето важи правилото дека секоја крајност може да биде штетна.
Секој родител му го мисли најдоброто на своето дете, но понекогаш, сакајќи да му помогне во сè, премногу се оптоварува себеси, а на детето му го скратува најважното: можноста да изгради самостојност и отпорност.
Доколку одговорите со „ДА“ на повеќе од половина од следниве прашања, време е да размислите дали вашата претерана грижа му штети на детето.
1. Го фалите за секоја мала работа?
Пофалбата е одлична кога детето е мало и учи нови вештини. Но, како што расте, претераното фалење за секоја ситница ја губи својата вредност. Намалете го бројот на формални пофалби и зачувајте ги за вистинските успеси, дозволете му на детето да се потруди за да ја заработи пофалбата.
2. Нудите премногу материјални награди?
„Ако добиеш петка, ќе ти купам велосипед“, „Ако бидеш добар, ќе ти купам играчка“… Колку често вашето дете прави нешто само за да добие награда? Кога го правиме ова, ги учиме децата на материјална уцена наместо да ја развиваме нивната внатрешна мотивација.
3. Очекувате премногу малку од него?
Многу родители денес очекуваат премногу малку од своите деца, плашејќи се да не ги оптоварат со обврски. Други, пак, бараат премногу. Ниту една крајност не е добра. Детето треба да има обврски соодветни за неговата возраст.
4. Не му давате никакви домашни задачи?
Домот е првото место каде што детето се учи на одговорност. Веќе на четиригодишна возраст детето може (и треба) да научи да ги собира своите играчки, да си ги обуе чевлите и да го однесе чиничето до мијалникот. Доколку го чувате како „мало за сè“ до осум или девет години, го кочите неговиот развој во самостојна личност.
5. Постојано му повторувате исто бидејќи вие знаете најдобро?
Потсетете се како се чувствувавте кога вашите родители секојдневно ви повторуваа едни исти работи. Понекогаш реагиравте негативно, нели? Истото го прават и вашите деца. Наместо постојани притисоци, дозволете им самите да дојдат до заклучок.
6. Помагате пред детето да побара помош?
Отворање кесичка со грицки, врзување врвки, решавање лесна задача… Иако вие тоа го правите побрзо и подобро, со тоа што секогаш го правите наместо него му ја одземате можноста да научи. Дозволете му малку да се потруди, преку труд се градат вештините.
7. Ги спречувате неговите грешки?
Дури и кога сте 100 % сигурни дека детето прави грешка (освен ако не се работи за опасност), дозволете му да згреши. Грешките во детството се најдобрата лекција. Детето мора преку сопствено искуство да научи дека одредени постапки имаат свои последици.
Размислете: Слатко е да имате двегодишно дете за кое правите сè, но да имате 18-годишен млад човек во домот кој не знае да води грижа за себе и за своите обврски, воопшто не е пријатно.