Совети

АДХД и пријателствата: Како да му помогнете на детето да стекне другари?

Синдромот на недостиг на внимание и хиперактивност (АДХД) често влијае врз начинот на кој децата градат и одржуваат пријателства. Импулсивноста, отежнатата концентрација и силните емоции понекогаш создаваат пречки во социјалните ситуации.

Експертите истакнуваат дека целта не е да го промените детето, туку да му ги дадете вистинските алатки за да ги разбере другите и полесно да комуницира.

Зошто децата со АДХД имаат предизвици во друштвото?

  • Импулсивност: Прекинување во зборувањето, тешкотии со чекање ред или влегување во туѓ личен простор. Другите деца ова често погрешно го протолкуваат како некултура или господарење.
  • Слабо внимание: Не ги забележуваат суптилите знаци (дека на другото дете му е досадно) или им летаат мислите додека некој друг зборува.
  • Силни емоции: Губењето во игра или мала расправија со другарче може да предизвикаат претерано бурна реакција.
  • Непочитување на правилата: Поради тешкотии во флексибилноста, детето тешко ги прифаќа промените во правилата на играта.

7 практични совети за родителите:

1. Вежбајте социјални ситуации преку игра

Низ улоги вежбајте едноставни прашања како: „Може ли и јас да се играм?“ или „Што сакаш да играме?“ Разговарајте за непријатните ситуации подоцна, кога детето ќе се смири, со прашањето: „Што би можеле следниот пат да направиме поинаку?“

2. Дајте му фрази за изразување емоции

Научете го детето да користи кратки реченици пред ситуацијата да ескалира: „Не ми се допаѓа ова“, „Почнувам да се лутам“ или „Ми треба мала пауза“.

3. Вежбајте препознавање емоции кај другите

Преку разгледување слики, цртање изрази на лицето или гледање цртани филмови, помагајте му на детето да препознае кога некој е тажен, кога му е досадно или кога е изнервиран.

4. Организирајте кратки и структурирани средби

Средбите „еден на еден“ во траење од еден час функционираат многу подобро од долгите и хаотични групни собири. Изберете конкретна активност: лего-коцки, цртање или заедничко правење колачи.

5. Подгответе го детето пред настанот

Пред одење на роденден или на игралиште, поставете една едноставна цел (на пр., „Денес ќе вежбаме чекање ред на тобоганот“). Договорете и таен сигнал за пауза доколку се почувствува преоптоварено.

6. Научете го како да го поправи нарушеното пријателство

Конфликтите се нормален дел од растењето. Помогнете му да ги усвои речениците: „Извини“, „Не сакав да те вознемирам“ или „Може ли да се обидеме повторно?“.

7. Пофалете ги добрите постапки

Децата со АДХД често добиваат многу негативни критики. Затоа, забележете ги и искрено пофалете ги нивните добри социјални потези: „Многу ми се допадна што го пушти другарчето прво да ја избере играта.“

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top