Игротека

Дали вашето дете спонтано си пее? Еве што значи тоа за неговиот емоционален развој

Децата спонтано пеат тогаш кога се чувствуваат сигурни, опуштени и поврзани и токму затоа тоа потпевнување е драгоцен показател за нивната внатрешна емоционална состојба.

Спонтаното пеење се јавува најчесто за време на игра, при досада, рутина или додека детето е само. Тие пеат додека цртаат, се возат во автомобил, си ги обуваат патиките или едноставно си играат во својата соба. Тоа не се секогаш познати детски песнички, туку импровизирани стихови, мелодии без правила што го следат нивното расположение. Тоа се случува кога детето не чувствува притисок и кога е целосно во свој свет.

Поврзаност со емоционалната сигурност

Спонтаното пеење е јасен знак за емоционална стабилност. Детето што си пее:

  • Се чувствува безбедно во својата средина.
  • Не е под стрес, ниту е уплашено.
  • Чувствува слобода да се изрази и е прифатено од околината.
  • Поврзано е со себе и со сопствените чувства.

Децата не пеат кога се уплашени, напнати, збунети или кога чувствуваат дека се под постојан надзор. Исто како и црцорењето на птиците, пеењето кај децата се јавува само кога сè е во ред.

Што велат истражувањата и експертите?

Развојната психологија и музичката педагогија потврдуваат дека децата што растат во топла и поддржувачка средина почесто спонтано си пеат:

  • Во Монтесори и Валдорф педагогијата, спонтаното пеење се користи како директен показател дека детето е емоционално стабилно.
  • Невролошки, пеењето ги активира деловите од мозокот поврзани со задоволството, смиреноста и регулацијата на емоциите, особено кога е самоиницијативно.

Што можат да направат родителите?

Наместо да ги форсираме децата да пеат, најважно е да им создадеме атмосфера во која тоа спонтано ќе се случи:

  1. Не прекинувајте ги кога си пеат.
  2. Не коригирајте ги и не исмевајте ги нивните измислени зборови или мелодии.
  3. Не барајте да пеат пред гости или како настап.

Најдрагоцените песни не се оние што детето ги научило напамет, туку оние што само ги измислува додека си игра. Тоа е музиката на неговиот внатрешен свет и знак дека расте во љубов и сигурност.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top