Здравје

Прееклампсија и еклампсија

Прееклампсијата е една од најсериозните компликации што може да се јават за време на бременоста. Се одликува со висок крвен притисок, појава на протеини во урината и оток (едем). Најчесто се појавува во втората половина од бременоста и може да варира од блага до изразено тешка форма.

Иако може да се развие и кај жени што претходно немале никакви здравствени проблеми, ризикот е поголем кај бремени жени со веќе постојни висок притисок, дијабетес, бубрежни заболувања, повеќеплодна бременост, кај постари трудници или кај жени што имале прееклампсија во претходна бременост.

Симптоми и видови прееклампсија

Првите знаци се обично благо покачен притисок и зголемени протеини во урината, поради што од витално значење е редовно следење на притисокот од вториот триместар.

Главни предупредувачки знаци:

  • Хронична и силна главоболка
  • Заматен вид или пречки во видот
  • Гадење и повраќање
  • Отекнување на рацете, лицето и нозете
  • Намалено и ретко мокрење

Според времето на појавување, се дели на:

  1. Рана прееклампсија (пред 34. недела): Најчесто бара предвремено породување со цел да се спречи понатамошно влошување на здравјето на мајката и бебето.
  2. Доцна прееклампсија (по 34. недела): Носи сериозни ризици и бара строг медицински надзор и соодветен третман.

Можни последици и компликации

Нелекуваната прееклампсија е една од водечките причини за смртност кај мајките и фетусот. Таа може да доведе до мозочен удар, оштетување на црниот дроб и бубрезите, срцева слабост, вода во белите дробови (белодробен едем) и слепило.

Доколку не се третира навреме, прееклампсијата може да еволуира во уште потешки состојби:

1. Еклампсија

Претставува најтешка форма на прееклампсија. Се манифестира со ненадејни грчеви (грчење на целото тело), губење на свеста и нарушување на функцијата на виталните органи (бубрези, црн дроб, бели дробови, мозок). Во случај на еклампсија, медицинскиот тим реагира итно со терапија и итно завршување на бременоста за да се спасат животите на мајката и бебето.

2. ХЕЛЛП (HELLP) синдром

Најопасната компликација која најчесто настанува како последица на нелекувана или тешка прееклампсија. Се карактеризира со:

  • Распаѓање на црвените крвни зрнца (анемија)
  • Зголемени ензими на црниот дроб
  • Намален број на тромбоцити (што води до проблеми со згрутчување на крвта)
  • Силна болка во горниот дел од стомакот, гадење и дијареја.

Како да се превенира и кога да повикате лекар?

Најдобра превенција се редовните гинеколошки прегледи. Трудницата треба да ги следи сите упатства за здрав начин на живот:

  • Урамнотежена и разновидна исхрана (свежо овошје, зеленчук, месо, риба, млечни производи).
  • Умерена физичка активност (лесни прошетки на свеж воздух).
  • Редовно мерење на крвниот притисок.

Кога веднаш да се јавите кај лекар?

Бидејќи прееклампсијата понекогаш може да се развие без видливи симптоми, сите контролни прегледи се задолжителни. Доколку почувствувате силна главоболка, промени во видот, тешки отоци или болка под градната коска, веднаш побарајте итна медицинска помош.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top