Терминот „медиумска писменост“ е непознат за наставните програми и планови во Македонија, а не е застапен во еден ниту стратешки документ. Само 5 до 7 проценти од наставата опфаќаат теми што треба да го поттикнат критичкиот однос на учениците кон медиумите, покажува истражувањето што го спроведе Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука.
Во основното образование во Македонија се изучува медиумската писменост само во одделни програмски подрачја во различни предмети, а мал е и бројот на часови за да се постигнат поставените цели. Она што недостига се и недоволните средства за работа, како што се смарт-табли, компјутери и интернет и доедукација на наставниот кадар, кој треба да биде медиумски писмен за да може да им ги пренесе знаењата на учениците.
– Учениците се запознаваат со различни видови медиуми, значи не дека не ги познаваат медиумите. Нашиот образовен систем им кажува кои се основните медиуми за комуникација, која е нивната улога во општеството, но она што не ги учи е како да внимаваат и како да ги восприемаат медиумските содржини – рече Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.
Оттаму препорачуваат итно да се ревидираат учебниците и наставните програми со содржини за медиумска писменост, да се организираат континуирани обуки за наставниот кадар, а од Бирото за развој на образованието се бара поголема ангажираност во следењето на имплементацијата на наставните програми.
Од Бирото ветуваат реформи на наставните програми.
– Бирото за развој на образованието започна со реформа на наставната програма по граѓанско образование за осмо одделение, во која се опфатени и содржините за медиумска писменост. За следната учебна година претстои реформирање и на наставната програма за граѓанско образование за деветто одделение – рече директорот на Бирото, Зекирија Хасипи.
Дел од присутните на денешната конференција посветена на медиумската писменост во образованието оценија дека Македонија нема визија за образовниот систем и оти само формално се прават реформи.
912