ПРАШАЊЕ: Мојот син е седмо одделение и е многу паметен и одличен ученик (особено е талентиран за јазици). Но, проблемот е што цело време ужива да биде сам, без друштво. Дома е отворен и разговара за сѐ, но кога му велам да се јави на некое другарче, да излезат да прошетаат, тој ми вели дека нема потреба. Излегува со нас, седи со баба му и на телефон, а избегнува друштво. Кога одиме некаде каде што има деца, тој се вклучува во тоа што му е интересно, а ако нешто не му е интересно, на пример, ако другите играат игра што тој не ја игра, не се вклопува, само седи настрана. Оди во парк и само се лула на лулашката и не влегува во дискусија со други деца. Во училиште ми велат дека е мирен, не крева рака, а писмените му се одлични. Кога разговарав со класниот раководител, тој ми рече да не се грижам зошто тој е еден од најдобрите во одделението и дека тоа е карактер и ќе се смени. Се слуша со неколку соученици за домашна, но од негова страна има само „да“, „не“ и не си прават друго муабет. Прашањето ми е како да се отвори и да почне да се дружи барем со едно другарче зашто почна да го фаќа пубертет, па поради неговата слаба социјализација да не почнат да го задеваат врсниците. Според мене, тој нема никаков проблем освен со комуникацијата зашто нема доволно искуство.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и сосема е разбирливо да се плашите дека послабата социјализација може да го изложи на задевање во оваа осетлива фаза.
Од она што го опишувате, вашето дете остава впечаток на мирно, интелигентно и успешно дете. Тој е добар ученик, талентиран е за јазици, дома е отворен и разговара со вас, а во средина каде што има деца не покажува целосно избегнување, туку се вклучува кога нешто му е интересно. Ова ни дава некој знак дека детето веројатно е интровертно. Некои деца природно имаат помала потреба од друштво, повеќе уживаат во својот внатрешен свет, во разговорите со блиските и во активности што ги интересираат. И тие деца не мора да имаат големо друштво за да се чувствуваат добро.
Но, би направила разлика помеѓу интровертноста, недостигот на социјални вештини и социјалната анксиозност бидејќи и трите можат однадвор да изгледаат како сè да е во ред, но начинот на однесување може да ни кажува нешто друго.
Интровертност – природен темперамент. Детето може да биде комуникативно, но да има помала потреба од друштво и повеќе да ужива во самостојност или блиски односи.
Недостиг на социјални вештини – детето можеби сака да се дружи, но не знае како да започне разговор, да се вклучи во игра или да продолжи контакт.
Социјална анксиозност – детето сака контакт, но стравот од осуда, исмевање или одбивање го спречува.
За да поедноставиме:
Ако детето не сака контакт и е смирено – интровертност.
Ако сака контакт, но не знае како – недостиг на социјални вештини (тоа се учи и вежба).
Ако сака контакт, но стравот го спречува дури и кога има можност – социјална анксиозност (бара стручна поддршка).
Вие најдобро го познавате вашето дете и ќе можете да процените каде се движи. Од опишаното изгледа дека е во прашање интровертноста, со дел недостиг на социјални вештини. Од една страна, класниот раководител делумно е во право дека ова може да биде карактерна особина. Сепак, карактерот не мора „да се смени“ за детето да функционира добро социјално, а социјалните вештини можат да се вежбаат и надградуваат, независно од темпераментот.
Исто така, во вашето писмо се споменати само возрасни, (мајка, татко, баба) и „неколку соученици“ со кои разменува само практични информации за домашно. Но нема ниту едно дете, опишано како „оној со кого најмногу си пишува“, „оној кого го спомнува дома“ или „оној со кого поминува повеќе време од другите“. Бидејќи и кај најинтровертните деца обично постои барем едно подлабоко, поблиско пријателство. Тоа значи помалку контакти, но не и нула квалитетни врски.
Би се надоврзала и за дома, со кого точно е „најотворен“, со двајцата родители или повеќе со едниот? Дали разговорите со семејството се двонасочни, тој прашува, се интересира и за вас – или главно тој зборува, а вие слушате? За кого зборува најмногу кога зборува „за сè“ – за себе, за своите интереси или за другите? Комуникацијата со врсниците и со возрасните не се одвива на ист начин. Со возрасните детето често има појасна и посигурна позиција. Возрасниот се приспособува, слуша, го следи детето и не очекува од него постојано да преговара или да се натпреварува. Со врсниците правилата се поинакви. Односот е порамноправен и бара постојана размена, да започне разговор или игра, да сподели интерес, да се договори, да попушти, да прифати туѓ предлог, да се справи со одбивање или несогласување и понекогаш и со натпреварување.
Би било добро да не го притискате да се дружи, туку да го насочувате. Почнете од она што му е интересно. Ако сака јазици или некоја друга активност, спорт или хоби, пронајдете мала група или активност каде што може постепено да запознава деца со слични интереси. На тој начин дружењето доаѓа поприродно.
Не инсистирајте со „Јави му се на другарчето и излезете“. Наместо тоа, понудете му, на пример, да покани едно дете со кое веќе комуницира за домашна задача да направат заеднички проект, да играат нешто што и двајцата го сакаат или да поминат кратко време заедно. Кога вели „Нема потреба“, малку истражете го тоа и бидете љубопитни.
И разговарајте: „Кога си сам, дали навистина ти е убаво така, или понекогаш би сакал да имаш некого со кого би бил поблизок?“ „Од сите деца што ги познаваш, има ли некој со кого најмногу ти е интересно?“ „Со кого најмногу сакаш да разговараш во училиште?“ „Има ли некој кому би сакал да му бидеш поблизок?“ „Што за тебе значи да имаш добар другар?“ „Со какви деца најмногу би сакал да се дружиш?“ „Дали има некој во твоето одделение што го интересираат истите работи како тебе?“
Како родител, бидете негов посредник и нежно насочувајте го кон нови можности за контакт, наместо само да го прифаќате неговото повлекување како нешто што „таков е“. Најважно е да почувствува дека не мора да биде поинаков за да биде прифатен, туку дека може постепено, на свој начин, да најде другарчиња со кои ќе се чувствува добро и слободно.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova